ВИДЕО: Рисови во шума на Шар Планина, мајка и младенче – ова е само втора ваква снимка
Снимка од мајка и младенче рисови кои се движат низ шума на Шара, објави Националниот парк „Шар планина“.
Препорачано
На кусото видео, направено со помош на поставена трап-камера, се гледа дека мајката-рисица и малото се во одлична здравствена состојба, велат од Националниот парк. Досега на Шара беше снимен само еден рис, мажјак, лани на месноста Лешница.
„По успехот минатата година, кога првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со огромна радост објавуваме дека и мајка со младенче е регистрирана на територија на Општина Боговиње. Овој историски момент е резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на нашиот тим. Колегата кој прв ја регистрираше снимката ја доби честа да ѝ го даде името на мајката. Таа беше именувана како Сибел“, велат од НП „Шар Планина“.
Балканскиот рис е најголемата дива мачка која живее на овие простори и тој е критично загрозен вид, на кој ловот е строго забранет. Во Македонија, изминативе години се забележани и се следат повеќе единки на планината Бистра и во Мавровскиот регион.
Поради големите територии, на Шар Планина може да се очекуваат мал број стабилни единки, но секој новопотврден рис е огромен чекор напред за заштита на видот, велат од НП „Шар Планина“ додавајќи дека растат и популациите на пленот, животните со кои рисот се храни: срната, дивата коза, зајакот, еребицата, ситните цицачи и други видови од шумскиот екосистем.


