Диме Меловски: За да нема прегазени животни, ни требаат зелени мостови, но државата сѐ уште нема слух
Балканскиот рис е врежан на петденарката како национален симбол, но ставен и на Црвената листа на загрозени видови, па често е нарекуван и „големата мачка со мали шанси“. Има околу педесетина преостанати единки во Македонија, Албанија и Косово, од кои една беше најдена угината на патот Охрид – Ресен, па случајот го вклучи алармот кај Македонското еколошко друштво (МЕД) за да се најде начин да се зачуваат ретките видови, со тоа што државата ќе вложува на патиштата во зелени мостови и заштитни системи.
Препорачано
Диме Меловски од МЕД за „Слободен печат“ вели дека кога зборуваме за прегазени животни на патиштата, треба проблематиката да се подели на две работи. Први се автопатиштата, каде, вели тој, има помалку газење на животни поради оградите, а другите се регионалните патишта, каде недостасуваат огради.
„Оградите превенираат газење животни, но, од друга страна и миграција и премин на животните, па така се фрагментираат нивните станишта. Затоа, добредојдени се вијадукти и тунели, или ако не се предвидени со патот и релјефот, во тој случај е важно да се направат зелени мостови, за кои нашата држава сѐ уште нема слух“, нагласува Меловски.
Еден од само педесетината балкански рисови е најден угинат на патот Охрид-Ресен
Како што објаснува, зелените мостови обично значат тунели и помагаат да се спојат две одвоени подрачја, отсечени со автопат. Потенцира, во Хрватска постојат повеќе такви по далматинската делница, од 90-100 па докај 150-200 метри најшироките.
„Нормално, што поширок е мостот, повеќе животните ќе се охрабрат да го поминат. Копитарите на тесен премин поретко минуваат, бидејќи им е страв од предатори. На мостот се сади и вегетација, за да изгледа поприродно. Но, клучно е да се идентификуваат тесните грла и каде би било најефикасно да се изградат зелените мостови. Кај нас, на новиот пат што се прави со години, Кичево-Охрид, едно такво тесно грло е кај селото Ботум, пред струшкото поле. Што значи, кога се оди од Кичево кон Охрид, постои место каде Караорман и Плакенска планина се блиску, а тука поминува и реката Сатеска. Но, нема предвидено вијадукт, тунел, па тоа спојување би било иделно. Исто и после Пресека би било убаво за зелен мост“, посочува Меловски.
Во однос на регионалните патишта, каде нема огради, Меловски укажува дека е важно да постои сигнализација, за која, како што вели, каскаме зад нашите соседи. Грција ја споменува како пример.
„Во местата каде живеат мечките, постои добро воспоставена сигнализација за вакви животни, успорување на брзина, радари… сѐ што треба. Бев сега на конференција и во Тирана, каде доста зборуваме за месојади. Сите го знаеја примерот за угинатиот рис. Ми кажаа дека во Хрватска тестираат систем каде сензори покриваат отприлика два километри од патот, а доколку забележат било какво животно, вклучително и бездомно куче – сигнализираат за да ја подобрат безбедноста на сообраќајот, а секако и животните да не бидат згазени“, вели Меловски.
Според Меловски, се работи за доста скап систем, меѓутоа, прво треба да се определат „жешките точки“ на делниците каде највеќе се случуваат инцидентите.
„Тоа да го анализираме и да се најдат пари да се инсталираат вакви системи, барем на некои делови од регионот. Претежно, најбитниот дел за балканскиот рис, ама за движење и други диви животни се планинските превои Буково и Ѓавато, како едни од премините што ги поврзуваат Илинска и Плакенска планина со националните паркови ‘Галичица’ и ‘Пелистер’, премини над 1.000 метри височина, природно зашумени. Тие претставуваат многу добри коридори за преминување на животните, па на таквите места треба да има соодветна сигнализација. Со тоа, ќе се подобри безбедноста и нема да страдаат животните. Случајот со рисот беше аларм дека нешто треба да се направи“, нагласува Меловски од МЕД.
Инаку, МЕД заедно со партнерски организации од Албанија и Косово веќе 20-ина години се обединети како заштитници на балканскиот рис. Постојано го следат, особено што рисот се наоѓа на врвот на синџирот на исхрана и претставува регулатор на други животни во неговата средина. Ако рисот исчезне, тоа може да доведе до огромни и непредвидливи промени во природниот екосистем.
Затоа еколозите и биолозите често алармираат за изградба на зелени мостови, но и против ловокрадци и изградба на хидроцентрали, за кои велат дека се опасност за рисот.
Организацијата „Еко-свест“ пред некој ден направи и акција каде рисот, заедно со други диви животни, „бараа“ станови низ Скопје, надвор од нивните природни живелишта.
„Сечењето на шумите, шумските пожари, сè поголемата урбанизација на природните средини и малите хидроцентрали, се причини кои го загрозуваат опстанокот на овие животни“, посочија од еколошката организација.
„Еко-свест“ со акција: Рисови и волци „бараат“ станови низ Скопје


