Дуќанџиите од ГТЦ бараат одговори и истрага: Се крадело ли струја на нивни грб?

ГТЦ
ГТЦ/ Слободен печат/ Д. Митрески

Сопствениците на дуќаните во Градскиот трговски центар во Скопје бараат од управата на АД ГТЦ под итно да им одговорат од кога е најмен магацинскиот простор каде беше пронајдена компјутерската опрема со која постои сомневање дека се копале криптовалути, колку му било фактурирано за потрошената струја на најмувачот, каде се мери потрошената електрична енергија и со чие одобрение се вршеле преправките во магацинскиот простор за кој станува збор.

Во писменото обраќање до управата на ГТЦ, потпишана од новооснованото Здружение на граѓани сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973, се бара веднаш да биде пријавена кражба на струја од напојувањето на ГТЦ. Тие тврдат дека забележале огромни разлики во сметките за струја, која различно им се фактурирала на дуќанџиите.

Иако медиумите ги објавија снимките од магацинскиот простор изнајмен од фирмата на Елвис Бајрам, синот на починатиот пратеник Амди Бајрам, на кои се гледа компјутерска опрема поврзана со кабли на електрично напојување, МВР, кое пред три дена влезе во подрумските простории на ГТЦ, објави дека немало кражба на струја. Истиот став го има и управата на ГТЦ. Ѓоко Трајчевски, директорот на ГТЦ, за „Утрински брифинг“ рече дека мал дел од магацините, вклучувајќи го и тој во кој наводно имало крадење на струја за копање на криптовалути, се во сопственост на шопинг-центарот, додека повеќето се приватизирани.

„Иако поминаа 5 дена сѐ уште нема кривични пријави за крадење на струја. Не се оштетени само приватните сопственици туку и државен имот е оштетен, а не видовме ниту истрага да се направи, вели Тони Никушевски, еден од сопствениците на деловен простор во ГТЦ.

Тој потсети и дека е евидентно дека се сечело и дупчело во носечки столбови на објектот за да се изведе вентилација и дека инспекција треба да констатира што е направено, со чие одобрение, кој е одговорен.

„ЕВН практично ја демантираше полицијата, по што стана јасно дека ние внатре во ГТЦ имаме кражба на струја. Ние бараме да се направи прописна истрага бидејќи поминуваат денови и сторителите имаат можности да ги сокријат доказите, да ги избришат снимките од камерите. Имаме ли јавни обвинителства, зарем снимките кои беа објавени не се доволна причина да се направи истрага, како може МВР после се што беше снимено во подрумот на ГТЦ да си замине и да каже дека е сѐ во ред“, прашува Никушевски.

Дуќанџиите се жалат дека на овој случај му погодувал фактот што ГТЦ, иако е 85 проценти во приватна сопственост, постои како јавно претпријатие во кое за ниту една одлука на управата на трговскиот центар никогаш не се прашуваат дуќанџиите.

На прашањето дали забележале нешто сомнително преку сметките за струја кои им ги доставува од АД ГТЦ, Нукушевски објаснува дека тој лично има дуќан кој е голем потрошувач и е уверен дека имало измама.

„ Ова не го правел било кој, ова го правеле луѓе кои се разбирале во струја, инженери, стручни лица“, смета Никушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот