Собрание Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ДУИ не го поддржа, но власта обезбеди 81 глас за „Безбеден град“

„За“ гласаа независните пратеници Илир Демири, кој се „отклони“ од опозициската Алијанса за Албанците на Зијадин Села, како и Бејџан Иљас од Партијата на Турците, која неодамна го напушти Европскиот фронт, или вкупно 81, сосе гласовите на Левица. Против беа 19, воздржани немаше.

Возачите во Скопје, Куманово и во Тетово ќе треба да внимаваат да не ја пречекорат брзината додека управуваат возило, бидејќи од 1 февруари и официјално ќе стартува системот „Безбеден град“. Владејачкото мнозинство ги изгласа измените во Законот за прекршоци, иако против се изјасни целата опозиција, освен пратениците на Левица.
За власта да обезбеди 81 глас „за“, ситуацијата ја спасија независните пратеници Илир Демири, кој се „отклони“ од опозициската Алијанса за Албанците на Зијадин Села, како и Бејџан Иљас од Партијата на Турците, која неодамна го напушти Европскиот фронт. Иако ДУИ на лидерската средба претходно ја откажа дадената поддршка за законските измени, власта успеа да обезбеди двотретинско мнозинство и со тоа „ Безбеден град“ ќе може да отпочне според планот на власта. „За“ гласаа 81 пратеник, „против“ беа 19, „воздржани“ пратеници немаше.

Пред гласањето на измените на Законот, Левица потврди дека ќе дадат поддршка, додека двете фракции на Алијансата за Албанците – на Арбен Таравари и на Зијадин Села, како и Европскиот фронт и СДСМ се изјаснија дека ќе гласаат против.

Собрание гласање Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Главните забелешки на опозицијата се дека пораките за прекршоци не се испраќаат и на албански јазик, дека законот е дискриминирачки бидејќи ќе се казнуваат возачите само во Скопје, Тетово и во Куманово, но и дека законското решение не предвидува контрола на податоците на граѓаните од имејл-адресите и телефонските броеви, како и стравување за можна злоупотреба на снимките.

Кои беа забелешките

Пратеникот Борислав Крмов рече дека Левица ќе ги поддржи измените на Законот за прекршоци зашто со неговата примена ќе се спасуваат човечки животи.

– Законот не е совршен, но како што беше најавено, ќе следат измени на Законот за прекршоци. Главно барање на Левица е скалеста наплата на казните, односно секој да плаќа според примањата. Не може да има еднакви казни за некој што зема 300 евра и 1.000 евра плата – рече Крмов.

Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, рече дека не само што нема да го поддржат Законот, туку дека ќе поднесат претставка до Уставниот суд.

Риад Шаќири Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Јавно кажуваме дека сме за сигурноста и безбедноста на граѓаните, но дека Законот не треба да помине во оваа форма, бидејќи не е во согласност со Уставот. „Безбеден град“ се планира да функционира само во Скопје, Куманово и во Тетово, и со тоа се прави дискриминација на граѓаните. Бараме уште еднаш да се разгледа Законот, бидејќи не ја гарантира еднаквоста и приватноста на граѓаните. МВР ќе има голема надлежност, а нема гаранција дека нема да ги злоупотребува тие снимки. Алијанса за Албанците ќе гласа против овој закон и ќе поднесеме претставка до Уставен суд за уставноста на законот – рече Шаќири.

Координаторката на Европскиот фронт Рина Ајдари од ДУИ рече дека нивниот конечен став е дека ќе гласаат против, бидејќи не можат да гласаат против волјата на граѓаните.

Рина Ајдари Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Седнавме со координаторите на пратеничките групи како задача што произлезе од лидерската средба и ги разгледавме техничките прашања за кои добивме гаранција. Но ќе биде тешко сите забелешки да се уредат со овој Закон. На прес-конференцијата неодамна кажавме дека Законот е противуставен, дека извештаите и пораките не се на албански јазик и дека по една и пол година ветувања ниту едно не се оствари. Ние ќе гласаме според нашето убедување и убедувањето на граѓаните. Се чудам како е можно Вреди сето време да молчи и не слушнавме да го кажат ставот на граѓаните и нивната вознемиреност за неупотребата на албанскиот јазик – рече Ајдари.

Илире Даути од Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, рече дека ќе гласаат против законските измени зашто се косат со Уставот.

– Со спроведувањето на „Безбеден град“ само во три града се крши членот 9 од Уставот. Никој не е против безбедноста на граѓаните, но сме против да се прави поделба, оставајќи ги небезбедни другите граѓани во Републиката. Ќе се казнуваат граѓаните само во три града. Еве, на пример, во Чаир, каде нема добра инфраструктура, има најмногу камери. Не сме за вакви закони кои не се сеопфатни и не се уставни – рече Даути.

Илире Даути Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски рече дека СДСМ и коалицијата ќе гласаат против, зашто не станува збор за Закон за прекршоци, туку за „закон за казни“ предизвикани од системот „Безбеден град“.

– Две клучни работи зошто сме против е дека сите податоци од камерите нејасно е како ќе се чуваат и може ли тие да се злоупотребуваат. За мене неприфатливо е собирање на имејл адреси и телефони на сите возачи, со што ќе се направи огромна база на податоци која може да се злоупотребува. Тоа е сериозен проблем и требаше посеопфатно да се пристапи кон системот „Безбеден град“, најмалку шест месеци да има пробен период и да се изготват нови сообраќајни елаборати. На пример, на излез од Скопје кон Тетово има сообраќајни знаци кои означуваат дозволена брзина од 70 километри, а камерите реагираат на 50 км. Црвено се вклучува дури да поминете лево или десно од раскрсница. Ова покажа дека лидерската очигледно нема ефект – рече Спасовски.

Оливер Спасовски Фото: Принтскрин

Што предвидуваат измените

Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци, утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекувањето санкции се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот прекршоци.  Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а ако плаќањето е во одреден рок, нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот