Државата на Верушевски ќе му исплати 1,7 милиони денари отштета за притвор за „Пуч“

Врховниот суд делумно го усвои барањето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски за надоместокот на нематеријална штета за неоснованото лишување од слобода и нарушениот углед и чест. Ова значи дека согласно пресудата што Врховен ја објави на 3 јули годинава се прифаќа барањето државата на Верушевски да му исплаќа по пет илјади денари за секој од 344 дена поминати во притвор во 2015 година за предметот „Пуч“ или 1,7 милиони денари.

Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1.720.000 денари, со законска казнена камата во висината на референтната стапка на НБ на РСМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени, сметано од денот на пресудувањето – 26.05.2021 година, до конечната исплата, во рок од 15 дена по приемот на пресудата, се вели во пресудата.

Државата, исто така, се задолжува на Верушевски да му ги надомести парничните трошоци во постапката во вкупен износ од 227.642 денари.

Во образложението на пресудата, Врховниот суд појаснува дека по проучување на списите по предметот, наводите во ревизијата и одговорот на ревизија, испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 377 став 3 од Законот за парнична постапка, утврдил дека е основан ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, а со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, прифатена во целост и од второстепениот суд.

Имајќи ги предвид сите околности на конкретниот случај, особено интензитетот и времетрањето на душевниот бол кој го трпел тужителот поради неоснованото лишување од слобода во поглед на нарушениот углед и чест, утврдени врз основа на лекарскиот наод и мислење на проф. д-р А.Н., и периодот на изречената мерка притвор во траење од 344 дена сметано од 23.01.2015 година до 31.12.2015 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија утврди дека на тужителот му следува справедлив надомест за претрпен душевен бол поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор во вкупен износ од 1.720.000,00 денари или по 5.000 денари од ден за секој ден притвор. Овој суд смета дека вака досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, истиот е справедлив и не е во спротивност на природата на правото на надоместокот, ако се има во предвид значењето на повреденото добро и целта за која служи овој надоместок, се вели во образложението на пресудата на Врховен.

Верушевски беше притворен во 2015 година откако почнаа да се објавуваат бомбите со обвинувања за неовластено поседување на службениот пиштол, а потоа и за велепредавство и шпиунажа. Тој беше советник за национална безбедност на поранешниот премиер Зоран Заев, а функцијата се уште  ја извршува и со сегашниот премиер Димитар Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот