Државата му продала атрактивен плац во Центар на градежниот могул Фатмир Етеми за седум евра по квадрат

Фото: „Само прашај“

Уште една атрактивна државна парцела во центарот на Скопје завршила кај приватен градежен инвеститор – големиот играч во градежниот бизнис, Фатмир Етеми и неговата компанија „ЗСФ-КОМ“ успеала да се стекне со сопственост на атрактивно земјиште спроти поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“, пишува „Само прашај“.

Државното земјиште било приватизирано по багателна цена од 430 денари за квадратен метар, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра.

Документите кои ги објави „Само прашај“, добиени од Агенцијата за катастар на недвижности по неколкумесечно истражување, покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), кога сите се подготвуваа за прославата на Нова година, донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.

Сите четири парцели се запишани во еден имотен лист со број 58982 во Центар. Министерството за финансии пресметало дека за приватизацијата, компанијата „ЗСФ-КОМ“ треба да плати надомест од 290.394 денари. Ова значи дека еден квадрат чини 438 денари или само 7 евра.

Фото: „Само прашај“

Парцелите на коишто Етеми им „фрлил око“ и кои на крајот успеа да ги стави под негова капа, имаат долг историјат, пишува „Само прашај“. Најголемата меѓу нив, КП 280/13 во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, кадар на ДУИ.

Од документите станува очигледно дека Етеми ги искористил поволностите коишто ги создадоа властите изминативе години за легализација на дивоградби.

Па така, тој во септември 2017 година купил недвижен имот (земјиште и стан) на улицата „Васил Ѓоргов“, коишто се дел од парцелите КП 280/17 и КП280/2. Ама, затоа што во истиот Имотен лист е и КП 280/13, која произлегувала од стара парцела каде што имало легализирана дивоградба, и таа се запишува со право на сопственост по основ на легализација.

Бизнисменот со поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, на 2 октомври 2020 година потпишал договор за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со сопственици на објекти за коишто има решение за легализација, за што Етеми платил по едно евро квадрат за објекти со вкупна површина од 171 квадратен метар или нешто над 10 илјади денари. Градежното земјиште е со намена А1, односно домување во станбени куќи. Ова било доволно за Министерството за финансии на крајот да даде „амин“ за приватизацијата на државното земјиште.

„Корисници на градежно земјиште се и правните лица кои користат градежно земјиште по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа, а не се евидентирани како корисници во катастарот на земјиште, односно не се запишани како корисници на земјиштето во катастарот на недвижности, при што земјиштето е евидентирано, односно запишано како сопственост на Република Македонија“, се вели во образложението од Министерството за финансии.

Етеми потврдува дека планира изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка. И тој ни потврди дека таму сега има две парцели, едната стекната преку дооформување на парцела, наменета за домување и онаа со хотелот преку приватизацијата од Министерството за финансии. Но, идејата за голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“ му ги „поматило“ плановите.

„Со сегашниот ДУП се предвидени станбена зграда и хотел. Таму има две маркици. Но, бидејќи не е соодветно да има станбена зграда покрај кружен тек и хотел, за кој давачките за комуналии, односно надоместокот за уредување на градежно земјиште е минимален, што не е во интерес и на Општината, иако таков е законот, затоа ние како сопственици на објектите и на земјиштето предлагаме двете маркици да се спојат во една за деловна зграда, за да нема станбена зграда и хотел. Со тоа ќе имаме заеднички интерес со Општината, а просторот ќе се уреди похумано“, вели Етеми.

За цената од седум евра по квадрат, Етеми вели оти е поголема во споредба со онаа кога би се отуѓувало земјиште со намена за хотелски дејности, кога имот може да се земе и за евро од квадрат.

„Дел од земјиштето е приватизирано по одредба на Владата, односно на Министерството за финансии по цена од околу 430 денари за квадрат. Другиот дел од земјиштето е купено од приватни сопственици по друга цена“, вели бизнисменот, чија компанија во последните години изгради десетици згради во Скопје.

Целата приказна можете да ја прочитате на „Само прашај“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот