„Синхроницитети – Чувари на приказната“ на Марко Трпески

Друштвената игра „Синхроницитети – Чувари на приказната“ на Марко Трпески ја поттикнува креацијата

Новото дело на визуелниот уметник Марко Трпески е со наслов „Синхроницитети – Чувари на приказната“. Станува збор за друштвена или осаменичка игра (кој како милува) чијашто примарна цел е да поттикне креативно пишување.

Во надреалистички манир и препознатлив стил на Трпески, а многу интуитивно, играта ја олеснува артикулацијата на потсвесните текови на оној што ќе се осмели да (ја) игра. Компетитивноста и противниците во оваа игра не се норматив, а најважниот натпревар е натпреварот со себе.

Синхроницитетите и самиот процес на игра се клуч и калауз за отворање на еден невидлив простор, каде што симболите креираат значенски мапи што го дефинираат нашето постоење, а случајноста сама се прекорува себеси зашто сè уште толерира да ја нарекуваат случајност.

Играта „Синхроницитети“ е мала лабораторија чија цел е зачмаените внатрешни пејзажи и монархијата на договореното свесно да ги насели со слободата на имагинацијата, која ќе изроди нова свежа реч.

Суштината на „Синхроницитети“ е едноставноста што само по себе укажува на комплексност од највисок степен: да се премине од свесно нетворење и преобмислување кон чинот на спонтаност и игра. Архетипските мотиви го покануваат играчот да го прочита јазикот на личното несвесно и да пробуричка низ дреболиите што му значат. Работна рамка на играта се спонтаноста, апсурдот и тоа дека неискажливото е непроверена гласина.

„Играта што ја нуди Марко Трпески… носи во својата основа мошне видлив поттик за креативно изразување во областа на книжевното творештво. По некои свои одлики има допирни точки со експериментите на познатата ‘прозна школа’ OULIPO… Основниот принцип, притоа, лежи во поуката кон која води овој проект – дека уметничкото создавање е блиско до игра“, истакнува писателот Влада Урошевиќ.

Создавањето на „Синхроницитети“ е поддржано од Министерството за култура и туризам на РСМ и Општина Ѓорче Петров.

Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник, илустратор и графички дизајнер со особен интерес за надреалистичкиот јазик на симболите и спојот меѓу визуелното и литературата. Основач е на креативното студио „Метафора“ и коосновач на „Скопје колаж колектив“. Добитник е на голем број награди за дизајн и автор на збирките со графики и поетски минијатури „Метафора – поглед зад огледалата“ и „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 304, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот