Дозволи немаат, но никој ништо не им може — летните тераси повторно „крадат“ јавен простор
Ако, како што тврдат од Град Скопје, досега не се издадени дозволи за поставување урбана опрема и ако инспекторите вршат контрола, тогаш зошто се масите сѐ уште таму каде што не треба да бидат и зошто се дозволува узурпација на јавниот простор? Зошто нема опомени, казни и зошто не им се наложи на угостителите да се „соберат“ во својот објект?
Секоја пролет откако ќе се стопли времето низ Скопје, особено во центарот на градот, се повторува истата ситуација – угостителите пред објектите си изнесуваат маси и столици за послужување на гостите, узурпирајќи јавни површини, тротоари и шеталишта. Тоа распостилање маси многу често е без дозвола, но како што се покажа во изминативе години, ни казни ни опомени не ги спречија сопствениците на угостителските објекти да им овозможуваат на граѓаните да се релаксираат со кафе на отворено.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во изминатите две лета локалните власти не успеаја да воспостават ред со ваквите навики на угостителите, а годинава повторно и на кејот „13 Ноември“ и на улицата „Македонија“ и во Старата чаршија е истата ситуација. Масите се „излезени“ надвор од застаклените тераси на кејот и пред „Торос“ и пред „Бела виста“ и се протегаат до клупите што пред неколку години ги постави Град Скопје, со што скопјани не можат да ги користат затоа што ќе се чувствуваат како да седнале во кафулето.

Во Старата чаршија на уличките каде што има повеќе угостителски објекти, луѓето не можат да поминат раат по тесниот простор што е оставен помеѓу „летните тераси“.

Безредие владее и на улица „Македонија“, каде што кафулињата постепено си се шират по еден ред повнатре на шеталиштето, а некои од нив, на пример „Студио 54“ буквално има поставено маси и столици по целата ширина на улицата.
Навистина не ми е јасно кој им го дозволува тоа на кафулињата и на рестораните. Секој прави што си сака. На што личи улица „Македонија“. Погледнете, буквално пред сите објекти, односно пред оној дел што им е застаклен има поставено маси. Улицата е претворена во панаѓур. Тоа навистина грдо изгледа. На Кејот исто така. И со години е така, никој очигледно не се мачи да направи ред или не сака. Не знам што е во прашање, профитот на угостителите или профитот на институциите од издавање дозволи, ама хаос е – вели граѓанин со кого поразговаравме на улица „Македонија“.
За давање дозволи за поставување урбана опрема на овие локации, кои воедно се најпосетени и од туристите што сѐ повеќе ги има низ Скопје, надлежен е Град Скопје. Оттаму убедуваат дека константно работат да воведат ред во поставувањето урбана опрема на улица Македонија, на кејот и во Старата чаршија и дека сè уште не се издадени дозволи за летните тераси.
Во однос на угостителските објекти на улица „Македонија“ кои имаат застаклени летни тераси, дел од нив имаат поднесено барања до Секторот за планирање и уредување на просторот, но сè уште немаат добиено дозволи. Барањата се во фаза на обработка.
Кафулето „Студио 54“, кое се наоѓа спроти црквата на улица Македонија, досега нема добиено одобрение од Град Скопје за поставување маси и столчиња на јавната површина – објаснуваат од Градот.
Оттаму додаваат дека истата состојба важи и за угостителските објекти на кејот, за кои во моментов се разгледуваат сите поднесени барања, имајќи предвид, како што тврдат, дека од претходната администрација не биле издавани дозволи, па затоа е потребно време за нивна обработка и носење одлуки.

На прашањето дали градските инспектори излегле да видат каква е состојбата во центарот на градот со летните тераси откако се стопли времето, од Градот тврдат дека тие постојано се на терен.
Инспекциските служби се секојдневно на терен и работат во три смени со цел да ја следат состојбата во градското подрачје. Градската администрација, односно службите кои се одговорни за издавање на одобренија за урбана опрема како и градскиот инспекторат кој е надлежен за контрола на истите како во изминатите месеци, така и во иднина ќе продолжи да постапува ефективно согласно законската регулатива – велат од Град Скопје.

Резултатот од секојдневните инспекциски контроли не може да се види низ центарот на градот, особено што од Град Скопје не објаснуваат што значи, според нив, дека Инспекторатот ќе продолжи да „постапува ефективно според законската регулатива“.
Ако, како што тврдат оттаму, досега не се издадени дозволи за поставување урбана опрема и ако инспекторите вршат контрола, тогаш зошто се масите сѐ уште таму каде што не треба да бидат и зошто се дозволува узурпација на јавниот простор? Зошто нема опомени, казни и зошто не им се наложи на угостителите да се „соберат“ во својот објект?
Оти вака како што е, ниту инспекторите се ефикасни, ниту Градот воспоставува ред – само угостителите си тераат по свое, исто како и секое друго лето досега.


