Масите пред кафулињата на кејот веќе се распослаа до пола шеталиште, Градот тврди дека не им издал дозвола
Три угостителски објекти, истите како и минатата година, без дозвола и денеска ги услужуваа гостите надвор од застаклените тераси. Како што стојат работите, ваквата непослушност веројатно ќе потрае до крајот на летото.
Скопјани и денеска уживаа пиејќи кафе на отворено пред некои од угостителските објекти на кејот. Нив не ги интересира дали газдите на кафулињата имаат дозвола за узурпација на шеталиштето, ниту дали е законски или не поставувањето на маси надвор од застаклените тераси на објектите.
Препорачано
Но, затоа граѓаните што се љубители на прошетки, а не на пиење кафе во кафулиња, прашуваат каде се инспекциите да воведат ред.
Видете на што личи ова, катастрофа. Изнаставани маси пред рестораните, па оние од „Торос“ буквално до половина шеталиште ги наместиле. Не разбирам какво е ова самоволие на газдите и зошто Град Скопје и инспекциите не реагираат. Не може кој како сака да се однесува во градот! Ако сакаат, ова можат за еден ден да го решат. Си имаат тераси, нека ги тргнат стаклата и ќе им седат гостите на отворено. И клупите поставени на шеталиштето пред нивните објекти ги окупирале – негодува скопјанец со кого поразговаравме на кејот.

Минатото лето и покрај тоа што и Град Скопје и Општина Центар казнуваа за ваквото однесување на угостителите, некои од нив го истераа летото со масите на дел од шеталиштето. Истите тие, „Торос“, „Бела Виста“ и „Соул кичен“, и годинава служат гости надвор од застаклените тераси.
Дозвола за поставување урбана опрема издава Град Скопје. Оттаму тврдат дека дозвола не издале ниту оваа година.
Ве известуваме дека Град Скопје нема дадено Одобрение за поставување маси пред застаклените тераси. Инспекторатот на Град Скопје секојдневно постапува со санкционирање на противправно поставување, но бидејќи Град Скопје е единствена единица на локална самоуправа во Македонија која нема градежна инспекција, во согласност со закон за отстранување незаконски поставена урбана опрема има Општина Центар – објаснуваат од Град Скопје.

На прашањето до Општина Центар дали нивните инспектори направиле контрола на кејот, велат дека се запознаени со тоа што се случува таму.
Општинските инспектори се запознаени со состојбата на кејот и ќе преземат соодветни мерки според законските прописи. Контролите ќе продолжат со зголемен интензитет, особено за време на викендите, со цел да се обезбеди почитување на правилата – одговараат кусо оттаму.
Од Центар не објаснуваат дали контролите подразбираат и казни и дали има начин нивните инспектори да ги зауздаат непослушните газди или само ќе вршат контрола, а кафулињата ќе се „шират“ на кејот до крајот на летото.
Додека инспекторите се во „зимски сон“, летните тераси го запоседнаа Кејот
Покрај угостителските објекти на шеталиштето зад ГТЦ и на градскиот плоштад едно кафуле има привилегија да ги угостува граѓаните на маси наредени околу застаклената тераса, кафулето „Тренд“. Но, од Град Скопје велат дека овој локал има дозвола.
Што се однесува за објектот „Тренд“, Град Скопје има издадено Одобрение за поставување урбана опрема според документација која е во согласност со законските и подзаконските акти и таа е со важност до 18.3.2025 година – велат од Градот.
Останува нејасно зошто воопшто се издава дозвола за поставување тераси пред терасите. Прашање е и дали угостителите на кејот ќе добијат дозвола од Градот, доколку побараат, зашто во тој случај повторно ќе се дозволи кејот да не личи на ништо и шеталиштето наместо на сите граѓани, да им служи на неколку угостители за остварување профит.


