Портрет од Џефри Епстин во неговата канцеларија во Њујорк од американскиот фотограф Кристофер Андерсон

ГАЛЕРИЈА: Досега непозната и морничава приказна за Џефри Епстин, раскажана од фотограф

Американскиот фотограф Кристофер Андерсон преку објава на неговиот инстаграм-профил откри досега непозната приказна за Џефри Епстин. Фотографот во 2015 година направил портрети од Епстин за потребите на „Њујорк магазин“, но приказната никогаш не била објавена поради притисоци и закани. Андерсон наведува дека Епстин сакал однапред да се сретнат за да преговара за откуп на фотографиите по нивното објавување и му понудил 20.000 долари за ексклузивна сопственост.

Договорот бил одобрен од редакцијата, со јасна одредба дека Епстин нема да ги види фотографиите пред објавување. Неколку дена подоцна, Епстин се повлекол од текстот и почнал да бара фотографиите, по што следувале закани. Според фотографот, негов телохранител бил испратен во студиото со цел заплашување, по што списанието ја повлекло приказната.

Андерсон потоа го наплатил чекот и му го предал хард-дискот со фотографиите. Фотографот открива дека неодамна пронашол копија од материјалот на стар хард-диск, вклучувајќи портрет на Епстин, фотографии од неговите канцеларии и снимка од биро на кое се гледа испечатена електронска преписка меѓу Епстин и канцеларија на британскиот кралски двор, во врска со исплата од Војводата и Војвотката.

Оригиналното сведоштво на Кристофер Андерсон, споделно на неговиот инстаграм-профил, гласи вака:

„Да, тоа е Џефри Епстин. Во 2015 година добив задача од @jodyquon и @NYMag да направам портрет на Епстин, како придружба на текст од @michaelwolffnyc. Не знаев многу за него, освен дека имал силни врски со моќни луѓе. Сакаше да се сретнеме пред фотографирањето за да преговараме за откуп на фотографиите по нивното објавување.

Вратата ја отвори млада жена со источноевропски акцент (подоцна ја видов истата девојка како подготвува просторија за масажа, која се наоѓаше веднаш до една од неговите канцеларии), а по неа брзо се појави и неговата приватна секретарка, Лесли Гроф.

Бирото на Џефри Епстин, на кое се врамени фотографии со Бил Клинтон, Вуди Ален… / Фото: Кристофер Андерсон

Кога пристигна Епстин, ме одмери со поглед како да е некој што секогаш бара извор од каде може да ќари. Ме испрашуваше за моите фотографии, како ќе тече снимањето и колку мислам дека вредат моите слики. Рече дека не сака никој друг да ги има фотографиите откако списанието ќе ги објави и ми понуди 20.000 долари за да ги поседува по објавувањето. Во тој момент, тоа за мене беа сите пари на светот. Имав младо семејство и живеев буквално од месец за месец. Напиша личен чек и ми го предаде.

Списанието веќе ми имаше дадено дозвола за таков договор и јасно договоривме дека Епстин нема да види ниту една фотографија пред објавувањето. Неколку дена подоцна, Епстин реши да се повлече од приказната и почна да ме бара по телефон, барајќи ги фотографиите. Му повторив дека фотографиите не се негови сè додека не бидат објавени.

Портрет од Џефри Епстин од американскиот фотограф Кристофер Андерсон

Потоа почнаа заканите. Го испрати својот телохранител/возач, Мервин – огромен човек во долг црн капут и црни кожни ракавици – дојде во моето студио за да ме заплаши (и успеа). Списанието ја повлече приказната. Јас го наплатив чекот, а Мервин повторно дојде за да го земе хард-дискот и да се увери дека немам други копии од фотографиите. Денес ја најдов копијата на многу стар хард-диск.

Во галеријата има портрет од Епстин и фотографии од него како работи во две различни канцеларии во куќата (да, тоа е препариран тигар).

Портрет од Џефри Епстин во неговата канцеларија во Њујорк од американскиот фотограф Кристофер Андерсон
Џефри Епстин со тигар во неговата канцеларија / Фото: Кристофер Андерсон

Направив фотографии од неговото биро и на нив ќе видите испечатен е-маил – преписка меѓу Епстин и канцеларија на британскиот кралски двор, во врска со исплата од Војводата и Војвотката.

Фото: Кристофер Андерсон
Фото: Кристофер Андерсон

На фотографиите што ги објави Андерсон може да се прочита и содржината на мејлот, која гласи:

Драга Аманда,

Веќе ти кажав дека, и покрај сите наши обиди, сè уште не сум платен. Финансискиот договор е направен директно меѓу Војводата, Војвотката и мене уште пред околу два месеци. Сепак, колку што ми е познато, сè уште нема никаков конкретен план како да ми се исплатат 59.933 долари што јас јасно ги побарувам.

Се согласив да ја намалам сумата што ми ја должи Војвотката за плати – од 72.596 на 59.933 долари – само за да се постигне договор со Војводата и Војвотката. Потоа Војвотката ми пиша мејл двапати, со потврда дека понудата е прифатлива и за неа и за Војводата.

Не се откажав лесно од правото да ги добијам овие пари, особено ако се земе предвид колку долгови ми се насобраа поради тоа што не сум платен и колку тешко ми беше да се издржувам и да си го плаќам МБА-студиите на Универзитетот Колумбија“

На оваа тема:

„Досиеја на Епстин“: Српската мафија, „принцезата на Југославија“ и актер дел од наводна кражба на уметнички дела

Трамп е наведен како патник на осум летови со приватниот авион на Епстин

ВИДЕО | Внатрешноста на садистичкиот храм на Џефри Епстин на „педофилскиот остров“

Досие Епстин: Како милјардерот педофил се вовлече во британското кралско семејство

Бил Клинтон, Мајкл Џексон, Мик Џегер – кој сè е дел од новообјавените документи за Џефри Епстин

Нови фотографии од архивата на Епстин: Дружењето со Ноам Чомски и Бил Гејтс

Објавени 95.000 фотографии од имотот на Епстин – меѓу нив и слика од кондоми со ликот на Трамп, на кои пишува „Јас сум голем!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот