ДОМ со пакет-мерки за загадувањето: Дислокацијата на „Усје“ е иднина, на Скопје му треба чист воздух денес
Пакетот-мерки на ДОМ предвидува мерењата на емисиите да не се „интерна тајна“, туку да бидат јавно достапни, потоа временско поместување на ремонтите на печките, целосна забрана за горење пластика, текстил и гуми како енергенс, вградување на влажни испирачи за собирање на киселите гасови и честички и засилена контрола на „малите оџаци“ во сервисите и останатите помали погони
Од политичката партија Демократска обнова на Македонија ја поздравија одлуката на Советот на Град Скопје за изгласување на иницијативата за дислокација на Цементарница „Усје“ надвор од градот, но посочија дека ова преместување би траело со години бидејќи целиот процес, како што велат од партијата, претставува правен лавиринт без конкретна временска рамка и тоа би можело да трае со години.
Препорачано
„Демократска обнова на Македонија ја поздравува Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија. Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел“, велат од партијата.
Токму поради овие отежната и долга операција за евентуално преместување на фабриката од Кисела Вода, од ДОМ предложуваат пакет конкретни мерки за итно спроведување од страна на Владата и Министерството за животна средина, кои ќе спречат, како што велат, понатамочно полнење на детските бели дробови со отрови.
ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „Профит за Усје, болест за народот“: Граѓанска блокада на Цементарница
„Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима. Затоа, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш. Не смее да се дозволи „иницијативата за дислокација“ да биде изговор за нечинење денес“, се вели во партиското соопштение.
Во пакетот мерки на ДОМ се предлага мерењата на емисиите од оџаците на големите индустриски компании да не се водат како „интерна тајна“, туку во секој момент да бидат јавно достапни на веб-страната на Министерството за животна средина.
„Бараме од Владата и МЖСПП итно спроведување на јавен мониторинг во реално време – право да знаеме што дишеме:Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат „интерна тајна“ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности“, велат од ДОМ.
Исто така, од партијата предлагаат временско поместување на ремонтите на печките, односно „Усје“ законски да се обврзе дека запирањето и ремонтот на печките ќе го врши исклучиво во декември и јануари.
„Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија“, пишуваат од ДОМ.
На оваа тема, вчера од компанијата „Титан Усје“ соопштија дека токму во овој зимски период се врши предвидениот ремонт на печките, поради што не се ставени во погон. Оттаму исто така потенцираа дека фактот што печките работат во најголем погон во летниот период, кога воздухот е најчист и мерењата не покажуваат енормни загадувања на воздухот, потврдува дека, како што велат, тие не се причинителот за катастрофалните мерења во зимскиот период.
ВИДЕО | Густа магла во главниот град: И утрово Скопје меѓу најзагадените градови во Европа
Останатите мерки се насочени кон целосна забрана на алтернативните горива и користење пластика, текстил и гуми како енергенс, потоа вградување на влажни испирачи за собирање на киселите гасови и честички и контрола на „малите оџаци“ во сервисите и останатите помали погони.
„Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста, мониторингот во живо и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, заклучуваат од ДОМ.


