ДОКУМЕНТИ | Родилката ќе се бори до крај: Ми извадија здрави и прави органи, го имам наодот од Патологија!

„Здрави и прави органи ми се извадени од телото, а Лекарската комора не наоѓа грешка во тоа, но правдата ќе ја барам додека сум жива“. Вака медицинската сестра Јалдз Веапоска чии матка, јајник и бубрег беа извадени по породување во струшката болнница, низ солзи ги раскажа своите маки, но и разочарувањето од одлуката на Лекарската комора, која во својот стручен надзор не утврди постоење на лекарска грешка од страна на медицинскиот тим предводен од директорот на болницата, доктор Мухамед Асани. 

Нејзиниот адвокат, Саше Јанев, изјави дека Лекарската комора уште не му го дава извештајот од стручниот надзор, за да може да го обжали. Засега пациентката и нејзиниот адвокат имаат извештај од органите од Институтот за патологија, каде што Веапоска дознала дека тие се наоѓаат и утре ќе оди да ги земе, за да ги дадат на вештачење.

– Органите се супер, извадени се без потреба. Велат дека нема лекарска грешка, но не објаснуваат зошто било потребно да ги извадат. Дури сум жива ќе ја барам правдата, ако не во Македонија, тогаш во странство. Органите ќе ги дадам на вештачење кај наши експерти во Судска медицина и кај странски експерти. Тие да кажат дали имало потреба да се отстранат. Мене во разговор неколку гинеколози ми кажаа дека органите се добри, меѓу нив и луѓе од Швајцарија, изјави за „Слободен печат“ Веапоска.

Со нејзина дозвола нашата редакција го објавува извештајот од хистопатолошкиот наод. Според адвокатот на семејството, Јанев, овој наод е веќе во јавното обвинителство.

Документ од вештачењето на извадените органи на Веапоска направено на Патологија – стр.1

-Ќе правиме вештачење за тој наод од патологија, меѓутоа не само за тоа, туку и за пред и за постоперативниот период. Ќе приговараме и на извештајот од Лекарската комора, зашто не е исправен. Фактички невозможно е да влезеш на породување здрав и прав, а да излезеш со три органи помалку и да кажеш се беше во ред. Комисијата не кажува зошто ги извадиле тие органи. Кажуваат дека ги презеле мерките според протоколите и благодарение на тоа мојата клиентка е жива, меѓтоа не кажуваат зошто и како се отстранети, што е најважното прашање. И како е оставен само еден јајник кој е неупотреблив. Зарем тие три биле толку лоши, а само еден е здрав? Анализите ќе ги направат медицински експерти во Македонија, а ако не во странство. Клиентката моја го бара тоа од мене, изјави Јанев.

Документ од вештачењето на извадените органи на Веапоска направено на Патологија – стр.2

Лекарската комора молчи на барањето на нашата редакција да го објави извештајот од стручниот надзор кој беше извршен во струшката болница. Според информациите кои ги сподели Министерството за здравство, Лекарската комора разговарала со медицинскиот тим од струшката болница и ги разгледала документите од третманот на лекување на Веапоска и констатирала дека не се евидентирани пропусти при оперативното завршување на породувањето и во текот на постоперативното следење на пациентката.

Сепак Веапоска поднесе приватна кривична пријава против шест медицински лица од струшката болница на чело со директорот и гинеколог Мухамед Асани, и тоа за тешки дела против здравјето на луѓето, член 217 од Кривичниот законик. Случајот ја шокираше јавноста откако родилката инаку исто така медицинско лице, обзнани дека по пораѓањето во болницата останала без матка јајниик и бубрег за кои не знае зошто и биле извадени.

Благодарение на нејзиното сведоштво и нотарски изјави од повеќе жени од Дебар, дополнително беше откриено дека Асани дома имал нерегистрирана ординација, во која што родилките тврдеа дека со години оделе да им биде следена бременоста. Најстариот случај за кој што родилка на нотар тврди дека Асани ја прегледувал дома без да и даде фискална сметка датира од пред осум години. Но, Асани уште е директор на струшката болница, а изјави за медиумите одбиваше да даде во текот на целиот процес, освен еднаш, кога изјави дека медицинската интервенција ја извршил совесно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот