Љубителите на документарната програма ќе имаат можност наскоро да уживаат во најновото издание на Нетфликс – „Ноќен прогонувач: Лов на сериски убиец“.
Според тоа што го знаеме за серијата во четири продолженија, авторите на документарецот го следат ликот и делото на еден од најозлогласените сериски убијци во американската историја.
Дејството на серијата е сместено во Лос Анџелес, Калифорнија, во 1985 година. Станува збор за вистинска приказна за Ричард Рамирез, сериски убиец познат како „ноќниот прогонувач“.
Документарецот е раскажан од перспектива на детективите Џил Карило и Френк Салерно, кои на крајот успеале да го решат случајот. Документарецот содржи интервјуа, архивски снимки и оригинални фотографии.
Рамирез бил американски сериски убиец, кој бил активен од 1984 до 1985 година во пошироката област на Лос Анџелес (подоцна и Сан Франциско). Тој бил одговорен за најмалку 14 убиства, а на крајот бил фатен и осуден по сите обвиненија. Неговиот случај завршил како најскапиот судски процес во историјата на Калифорнија, сè до судењето на О. Џ. Симпсон во 1994 година.
Документарецот е во режија на Тилер Расел, а извршни продуценти се Расел, Тим Волш, Ели Холцман и Арон Сејдман. Сите четири дела ќе бидат премиерно прикажани на 13 јануари 2021 година на „Нетфликс“.