До крајот на месецот треба да заврши сетирањето на броилата – На оние на кои први им се укинала евтината тарифа, сега први ќе ја добијат

ЕВН - струјомери / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Ниту еден корисник нема да биде оштетен, посочуваат од ЕВН. Според пресметките на Владата, враќањето на евтината дневна тарифа на струјата на домаќинствата ќе им овозможи заштеда и до 1.000 денари месечно

Речиси 80 отсто од граѓаните кои поседуваат обични дигитални или далечински броила (625 илјади) веќе имаат дневна евтина струја, брифираат од ЕВН Македонија за „Слободен печат“. Одтаму додаваат дека Електродистрибуција поседува 170.000 далечински броила и 630.000 обични дигитални броила за кои е потребно време физички и со присуство на лице место да се сетираат. Воведувањето на евтината тарифа се прави по истиот редослед како и укинувањето, што пратично значи дека корисниците на кои први им се укинала евтината тарифа, сега први ќе ја добијат. Ниту еден корисник нема да биде оштетен, посочуваат од ЕВН. Според пресметките на Владата, враќањето на евтината дневна тарифа на струјата на домаќинствата ќе им овозможи заштеда и до 1.000 денари месечно.

-Досега се сетирани околу 625.000 броила. Останатите ќе се сетираат до крајот на месецот, освен тие кои се недостапни како: броила во затворени објекти, викендички и слично. Овие непристапни броила ќе се сетираат во наредниот период и во првата дадена прилика – велат од ЕВН.

Инаку, сите мобилни екипи кои се обучени, работат на сетирање на броилата паралелно со отчитување на потрошувачката.

-Неделата на сетирање на корисникот е усогласена со периодот на отчитување. Значи ако е корисникот во прва недела на отчитување, во првата недела од месецот му било сетирано броилото. Ако е во втора група, сетирањето е во втората недела од месецот итн – објаснуваат од ЕВН.

Премиерот Димитар Ковачевски во утринската програма на „Слободен печат“, повтори дека субвенционираната цена на електричната енергија ќе продолжи за 600 илјади домаќинства и 70 илјади мали и средни претпријатија.

-Како успеавме да го постигнеме тоа? Тоа се должи на два фактора – првиот е што му дадовме задача на ЕСМ да произведува повеќе енергија. Кога сите беа скептици дека тоа ќе се случи, во најладните месци минатата година, на стара технологија, работниците во РЕК Битола, Осломеј и Неготино произведоа 45 отсто повеќе електрична енергија. Второ, кризата ја искористивме како можност и во државата се инсталирани, како никогаш досега, обновливи извори на енергија – рече Ковачевски.

Тоа, како што рече Ковачевски, овозможи зголемено производство на енергија, која во текот на дневните часови ќе ја има во поголеми количини и затоа се врати евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот што е одлична заштеда за граѓаните, во одредени случаи и до 1.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот