До 17 часот гласале 25,55 отсто од избирачите, слаб одзив и во Гостивар
Излезеноста на гласачите до 17 часот на повторените локални избори во четирите општини изнесува 25,55 проценти, покажуваат најновите податоци објавени од Државната изборна комисија (ДИК).
Препорачано
Според ДИК, до 17 часот гласале 32.747 избирачи од вкупно 128.286 запишани во избирачкиот список. Обработени се податоците од 128.192 избирачи, што претставува 99,93 отсто од вкупниот број, при што се опфатени сите 215 избирачки места.
Најголема излезеност до 17 часот е забележана во Општина Врапчиште, каде што гласале 30,01 отсто од избирачите. Следи Општина Маврово и Ростуше со излезеност од 25,93 проценти, Гостивар со 25,23 отсто, додека најмал одзив и понатаму има во Општина Центар Жупа, каде што до 17 часот гласале 12,35 проценти од гласачите.
Во споредба со редовните локални избори во 2025 година, излезеноста на денешните повторени избори до 17 часот е значително пониска. Додека во првиот круг од локалните избори во 2025 година излезеноста до 17 часот изнесувала 39,61 проценти, а во вториот круг 39,28 проценти на ниво на цела држава, на денешното гласање во четирите општини излезеноста до истиот термин изнесува 25,55 проценти.
Од ДИК информираат дека гласањето се одвива без поголеми проблеми.


