epa08811693 A woman wears a protective visor in Belgrade, Serbia, 10 November 2020. Serbia is witnessing a rise in coronavirus infections prompting the government to consider new restrictions. EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Дневен биланс на ковид-19 за регионот: Србија со најмногу новозаразени, Грција со најмногу починати

Во последните 24 часа во Србија починаа 53 лица од последиците на коронавирусот, па вкупниот број на починати за време на пандемијата се зголеми на 2.433, пренесува Бета.рс

Во истиот период се регистрирани уште 5.884 нови случаи на заразени со ковид-19, од направени 18.989 тестови.

На респиратори се 312 пациенти, додека хоспитализирани се 9.320.

По благиот пад на бројот на новозаразени со Ковид-19 во изминатите два дена, кога беа направени помал број тестови, денеска во Албанија повторно висока бројка на новодијагностицирани со опасниот вирус.

-Од направените 2.711 тестови позитивен резултат е добиен кај 809 што е околу 30 отсто од тестираните. И понатаму главно жариште е Тирана каде се 276 од новозаразените, по што следуваат Скадар и Елбасан со 88 односно 37 од новите случаи. Во изминатите 24 часа во списокот на оздравени се внесени 551 лице, додека битката со опасниот вирус ја загубија 12 пациенти, информираше Министерството за здравство и социјална заштита.

Според Министерството, досега направени се 226.495 тестови, позитивен резултат е добиен кај 50.000, оздравеле 25.876, починале 1.028, додека активни на болеста се 23.096 лица.

Во четирите ковид болници хоспитализирани се 426 пациенти, 28 на интензивна терапија, додека девет се интубирани.

Иако надлежните тврдат дека не се пополнети сите болнички капацитети, сепак денеска отворена е петтата, што е всушност прва регионална ковид болница во Елбасан, која располага со 81 болнички кревет. Ресорната министерка Огерта Манастирлиу рече дека ќе бидат отворени уште четири вакви болници.

Во меѓувреме премиерот Еди Рама најави дека имунизацијата против коронавирусот во земјата се очекува да почне во јануари, најдоцна февруари и оти вакцините ќе бидат бесплатни и незадолжителни.

Бројката на жртви на пандемијата на Ковид-19 во Косово се искачи на вкупно 1.220 од појавата на болеста, откако минатото деноноќие починаа 17 од заразените од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на Националниот институт за јавно здравство на Косово се наведува дека, од вчера извршените 1.035 тестови со методот РТ-ПЦР (165.583 вкупно досега), позитивни на коронавирусот резултирале 294 лица, со што продолжи трендот на околу една третина позитивни од вкупниот број тестирани.

Вклучително новозаболените, бројот на лица кај кои е откриен вирусот од почетокот на епидемијата се искачи на 47.203, а болеста досега ја совладале 34.637 лица. Во текот на вчерашниот ден како излекувани се евидентирани 482 пациенти.

Согласно официјалните статистики на косовските здравствено власти, во земјата во моментот има 11.346 активни носители на коронавирусот.

Косовскиот министер за здравство, Арменд Земај денеска изјави дека Владата не планира олеснување на мерките за спречување на ширењето на заразата. Конкретно, тоа значи дека, меѓу другото, нема да се продолжи работното време на угостителските, трговските и другите фирми, ниту пак ограничувањето на движењето на граѓаните.

Моментно во Косово, зависно од бројките на заразени по општини, ограничувањата се од целосна забрана за работа на угостителските и други објекти меѓу 19 и 5 часот, до дозвола за вршење услуга „тејк авеј” по 19 часот. Во истите периоди е забрането и излегувањето на граѓаните од нивните домови, освен во посебните случаи предвидени со последните одлуки на Владата.

Во денешното интервју за државната телевизија РТК, косовскиот министер за здравство рече дека, освен релативно високата бројка на смртни случаи, „загрижува и порастот на случаи со Ковид-19 во Западна Европа и во регионот”.

Земај најави дека косовските власти настојуваат да обезбедат 1,2 милиони вакцини за Ковид-19, меѓутоа се уште не е извесно кога тие би можеле да стасаат во земјата, затоа што, како што рече, тоа зависи од произведувачите.

Во изминатите 24-часа во Грција повторно е регистриран зголемен број смртни случаи од Ковид-19, починаа 98 лица, а заразени се уште 1.240 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од новите случаи, 270 се во Атика, поширокиот регион на Атина, а 232 во Солун.

Од почетокот на епидемијата во Грција од Ковид-19 починаа 3.785 лица, а регистрирани се вкупно 126.372 случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот