ДИЖЗ привремено ја запре изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река кај Кочани

Фото: МИА

Со решение на Државниот инспекторат за животна средина, привремено прекинаа градежните работи на минихидроцентралата на Мала Река кај Кочани, откако по извршениот инспекциски надзор биле утврдени неправилности.

Од инвеститорот на хидроенергетскиот објект се бара да преземе соодветни заштитни мерки за речното корито и околниот терен, по што надлежниот инспектор ќе направи нова контрола на состојбата.

-При инспекцискиот надзор е констатирано дека при изведување на градежните работи дошло до затрупување на речното корито, поради што Друштвото за производство на електрична енергија ДИС Енергија ДОО од Скопје, како инвеститор, е задолжено да ги отстрани неправилностите, а градбата е стопирана. Според издаденото решение, треба да се изврши чистење на затрупаното речно корито и тоа да се врати во првобитна состојба. Исто така, нагласено е дека треба да се превеземат заштитни мерки на околниот карпест масив и косините околу локацијата наменета за машинска зграда, истакна Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Со решението од инспекцискиот надзор, инвеститорот на минихидроцентралата е задолжен да го отстрани и насипаниот материјал на вливот на Мала Река во акумумлацијата Гратче, над и под локалниот пат што поминува во непосредна близина, затоа што не добил водостопанска согласност за парцелата на која се извршени овие градежни работи. Отстранувањето на констатираните неправилности треба да се направи во рок од 60 дена од изрекувањето на мерката, по што ќе се изврши контролен инспекциски надзор.

Во меѓувреме, викендов продолжија протестите на граѓаните од Кочани кои со блокирање на локалниот пат кон браната Гратче бараат повторно преиспитување на дадената согласност за изградба на минихидроцентралата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот