Фото: Pixabay

Дивите птици во Србија во канџите на илегалните активности

Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија објави денеска дека во текот на теренската работа, од 2017 до 2025 година, забележало повеќе од 2.200 случаи на нелегални активности врз птиците во Србија, меѓу кои најмногу се издвојуваат проблемите со труење, криволов со огнено оружје и фаќање птици, пренесе N1.

Во соопштението е наведено дека Србија се наоѓа на една од најзначајните точки на биолошка разновидност во светот, а на нејзината територија се евидентирани повеќе од 380 видови птици.

Извршниот директор на Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија, Милан Ружиќ, изјави дека со работата на членовите и вработените во тоа здружение се собрани илјадници податоци за незаконски дејствија врз птиците.

„За жал, каде и да беа присутни нашите екипи, беа забележани и активности забранети со закон, не само врз птиците, туку и врз други животни, а неретко и целосно уништување на живеалиштата“, појасни Ружиќ.

Годините минуваат, проблемите остануваат

Орнитологот на Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија, Слободан Марковиќ, наведе дека, по речиси шест години од последниот објавен извештај, е спроведено ново истражување и се претставени актуелните проблеми и жаришни точки во Србија за периодот 2017–2025 година.

„Се чини дека годините минуваат, но проблемите остануваат исти и не стивнуваат. Иако е забележлива поголема поддршка од јавноста и значително унапредена работа на полицијата, прекршителите станаа повнимателни и пософистицирани, па нивното откривање на терен претставува сè поголем предизвик“, додаде Марковиќ.

Како што наведоа од Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија, три проблеми се издвојуваат како најкритични – труењето, криволовот со огнено оружје и фаќањето птици.

Труењето на птиците претставува еден од најголемите проблеми, особено во Војводина, каде се издвојуваат три критични точки – околината на Апатин, Бачка Топола и Нови Сад.

На овие локалитети секоја година доаѓа до труење на птици, но и на други диви животни.

Најзагрозени се грабливите птици како белоопашестиот орел, обичниот мишар, барската еја и крсташот.

Криволовот со огнено оружје е присутен низ цела Србија и во оваа забранета активност страда најголем број единки од дивите видови.

Две најкритични точки – Лабудово окно и Расински округ

Посочено е дека во последните девет години се издвоиле две најкритични точки.

Така, истакнато е, Лабудово окно со пошироката околина, како едно од најзначајните зимувалишта на водните птици на Дунав, наместо да биде заштитено, е претворено во полигон за пукање на патки, гуски, ронци, гњурци и лебеди, со користење електрични вабилки и други забранети средства.

Истовремено, во Расинскиот округ во последните години немало период кога не бил забележан некој вид криволов на птици, а најкритично е во периодот на лов на препелици, кога електрични вабилки се поставени речиси насекаде.

Фаќањето птици пејачки е карактеристично за југот на Србија, особено во Нишавскиот и Јабланичкиот округ.

Во овие подрачја доаѓа до масовен излов на различни видови пејачки како што се чешљугар, чижак и зимовка, кои се фаќаат со мрежи, лепак и посебни направи – капани, предупредија од Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот