Димитров за Н1: Францускиот предлог е опасен преседан

Никола Димитров, потпретседател на Владата за европски прашања / Утрински брифинг, Фото: Драган Митрески

Поранешниот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за ТВ Н1 од Белград изјави дека францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е опасен преседан и отвора можност Софија да го блокира и уценува Скопје во текот на целиот преговарачки процес, јави допсиникот на МИА од Белград.

Според Димитров, Париз дозволил билатералните прашања со Бугарија да влезат во преговарачка рамка, а спорот со Софија се однесува на македонскиот јазик, идентитет и историја.

-Мислам дека тоа само нѐ оддалечува од она што процесот треба да биде – демократски и економски реформи, копенхашки критериуми. Ова што го имаме е ќорсокак, изјави Димитров за Н1.

Според него, Европската унија треба да се убеди да го промени процесот што не функционира, бидејќи таквиот процес на проширување не носи резултати, односно не ги наградува земјите што одат напред, не ги казнува земјите што одат назад и дозволува една членка на ЕУ да се „изживува” над земја кандидат.

Како што рече Димитров, однесувањето на Бугарија е во спротивност со суштинските европски принципи, кои вклучуваат почитување на јазичната и културната различност на континентот.

Запрашан како го гледа падот на бугарската влада, тој кажа дека целото прашање за Северна Македонија во Бугарија служи за одвлекување на вниманието од главните прашања на бугарското општество, како што се корупцијата и другите системски проблеми.

-Ова прашање, бидејќи е емотивно, се користи како одвраќање и мислам дека на некој начин и на нив им штети, рече Димитров.

Според него неопходно е да се „ресетира” политиката кон Софија, а ЕУ треба да ja  казнува наместо да ја наградува Бугарија за ветото.

Тој го опиша процесот на приклучување на земјите од регионот, велејќи дека сите на Балканот седат во еден автобус, и сите се трудат да седат што е можно поблиску до возачот.

-Но, проблемот е што автобусот не се движи, рече Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот