Дијабетичарите бараат Министерството за здравство да им покаже дали глукомерите се царинети како електроника или како глукомери

До кога ќе чекаат дијабетичарите Министерството за здравство да им ги покаже документите за новите ленти за мерење шеќер и глукомерите, прашува Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари. Тој за „Слободен печат“ тврди дека Министерството само пред камерите на медиумите се фали дека транспарентно ќе им докаже на дијабетичарите дека новите ленти и глукомери се соодветни и безбедни за користење, а реално, никакви документи не им биле покажани. Во меѓувреме, во инсулинските аптеки и понатаму лентите и глукомерите се делат без ред.

Само на телевизија сме поканувани, а во реалноста не сме ни контактирани од кабинетот на министерот ни од кабинетот на премиерот. И покрај тоа што на националната комисија за дијабетес ѝ покажавме и докажавме што се случува со овие ленти и глукомери. Во договорот пишува дека должност на добавувачот е да ги донесе глукомерите. Чекаме и цел Сојуз е коректен, но трпението ни е на крај. Ленти и апарати се делат без план и програма. Лентите и апаратите се делат како и на почетокот, без никаков конкретен план, без да се знае кој што зема. Во една аптека земаат само дијабетичарите со тип еден, во друга само ленти се делат, во трета само апарати. И бараме да ни покажат како се влезени овие апарати на царина, дали како електроника или како глукомери? изјави Велев.

Тој бара надлежните да го покажат, како што рече, реалниот записник од Националната комисија за дијабетес. На последниот состанок на оваа комисија, според извори на „Слободен печат“ кои присуствувале, на членовите на Комисијата пациентка им презентирала дека новите ленти за мерење шеќер функционираат на два различни апарати од два различни производители, што за дијабетичарите е сомнително.

За нив сомнително е и тоа што апаратите за мерење на шеќерот односно глукомерите, пристигнаа надвор од оригиналното пакување на производителот Тајсон Био, па наместо во сет во кој што има ланцетар, течност и ленти, добија апаратче во пластични ќесиња. Од Сојузот на здруженија на дијабетичарите, се интересираат и како биле царинети овие апаратчиња на граница, дали како електроника, или како глукомери. Очекуваат Министерството за здравство овие одговори да ги даде веднаш и без одложувања и манипулации, бидејќи станува збор за здравјето на илјадници пациенти.

Дијабетичарите од крајот на минатата година почнаа сами да си набавуваат ленти за мерење шеќер и глукомери, бидејќи државата односно Министерството за здравство, неодговорно ги остави без склучен договор за јавна набавка. За една кутија ленти секој дијабетичар плаќаше и по 800 денари.

Сојузот на здруженија на дијабетичарите побара Министерството за здравство да им ги рефундира парите на сите дијабетичари за сите препарати за менаџирање на дијабетесот кои ги плаќале од свој џеб изминатите 9 месеци. Оттаму поднесоа и претставка до народниот правобранител во која бараат заштита на нивните пациентски права, бидејќи според програмата на Владата, за нивните помагала зависат од државните тендери, а тие тендери ненавремено се склучуваат од што сите последици ги влечат самите пациенти, наместо неодговорните функционери и службеници.

Најголемото барање на дијабетичарите е државата еднаш засекогаш да воведе референтна цена за секој дијабетичар. Тоа поедноставено значи, дека секој пациент со дијабетес ќе има определен буџет кој ќе му биде одобрен од државата и истиот ќе може да го користи во аптеките за да си купува со него ленти, игли, глукомери итн, а доколку сака поскап препарат, тогаш за него да доплаќа. Комисијата за заштита од дискриминација почна да проверува дали со постапките на здравствените власти, дијабетичарите биле дискриминирани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот