Џонсон на тапет, и тоа од најскапите, по 800 фунти за ролна
Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со сериозни политички последици поради скандалот со реновирањето на својата резиденција во „Даунинг 10“, за која Изборната комисија завчера отвори официјална истрага.
Препорачано
При истражувањето на случајот „кеш за тапети“ независната комисија што ги следи финансирањата на политичките партии има широки овластувања да повика сведоци и да побара помош од полицијата. Ова регулаторно тело тврди дека истрагата за реновирањето на резиденцијата на премиерот е неопходна поради „сомневањата со разумна основа“ дека скапите материјали се платени со приватни пари, кои не се никаде пријавени.
Премиерот Џонсон тврди дека не сторил ништо лошо, но беше притеснет во агол на сослушувањето пред пратениците, особено од лидерот на лабуристичката опозиција сер Кир Стармер, чии прашања ги игнорираше или избегнуваше да ги одговори.
Џонсон упорно тврдеше дека за реновирањето платил „приватно“, но не го негираше тврдењето дека добил донација или заем од 58.000 евра од редовниот донатор на конзервативците Дејвид Браунлоу, за што не е објавена трансакција.
Тоа Стармер го искористи за да го обвини премиерот дека избрал тапети што чинат од повеќе од 800 фунти за ролна, а во исто време го критикувал својот поранешен советник Доминик Камингс.
Во одбрана на премиерот застана и министерот за здравство Мат Хенкок, но и тој одби да одговори на директните прашања.
– Важно е тоа што се поставени прашања, а имаше бескрајни прашања во Претставничкиот дом за тоа што вие се интересирате. Но, треба да се концентрирате на големите прашања, кои навистина се важни – изјави Хенкок на редовниот брифинг за состојбата со пандемијата.
Аферата „кеш за тапети“ ја отвори советникот Камингс, кој сега е во немилост на премиерот. Камингс изјави дека Џонсон лани му предложил „донатори тајно да му го платат реновирањето на резиденцијата“ на „Даунинг 11“, залепена веднаш до премиерската, во која советникот престојува со сопругата Кери Симондс и синот Вилфред. Камингс вели дека го отфрлил предлогот, оценувајќи го како „неетички, глупав, веројатно нелегален и речиси сигурно спротивен на правилата за објавување на политичките донации“.
И Камингс и Џонсон наскоро треба да бидат сослушани од Комисијата, која би требало да побара и цврсти докази за нивните тврдења – електронски писма или телефонски разговори. Согласно Законот за политички партии, избори и референдуми, усвоен во 2000 година, за одговорните за аферата може да бидат изречени глоби од 20.000 фунти, но политичката цена секако ќе биде многу повисока.
Лабуристички политичари забележуваат што комисијата го води случајот против Конзервативната партија, а не директно против премиерот Џонсон.
– Пари биле префрлени директно за приватни потреби на премиерот без притоа да се остави каква било пишана белешка или декларација. Треба да биде гонет премиерот Борис Џонсон – изјави за „Гардијан“ анонимен функционер од лабуристите. Иако официјално се води истрага против партијата, Џонсон лично побарал реновирање на резиденцијата на „Даунинг 10“.
Новиот советник за министерски стандарди Кристофер Гајд изјави дека ќе почне сопствена истрага за исплатите, покрај онаа што ја води и секретарот на кабинетот Сајмон Кејс.
Џонсон, од друга страна, има моќ да ги запре и двете интерни истраги и да се ослободи од одговорност и себе и министрите.
Поранешниот шеф на владината правна служба Џонатан Џонс, кој лани поднесе оставка поради заканата од Џонсон дека има намера да го прекрши меѓународното право (во врска со брегзитот), изјави дека јавноста треба да има доверба дека се почитува министерскиот кодекс, иако тој нема обврзувачки статус.
– Проблемот е во тоа што нема да имаме доверба дека се гарантира почитување на овие стандарди ниту дека ќе има последици за оние што ќе ги прекршат. Спроведувањето на правилата од кодексот зависи чисто од волјата на премиерот – изјави Џонс.
Притисокот врз Џонсон уште повеќе се засили кога беше обелоденето дека и канцеларот Риши Сунак лани го реновирал својот стан на „Даунинг стрит“, дека платил однапред од сопствениот џеб, без какво било барање за средства од Трезорот на Нејзиното Величество.
Сѐ ова се случува една недела пред локалните избори, па притисокот врз премиерот е засилен и од неговите конзервативци, кои се плашат дека скандалот во чиј центар е Џонсон ќе им ги уништи политичките кампањи.
Премиерот секоја година добива грант од по 30.000 фунти за поправки и реновирања на официјалната резиденција на „Даунинг 10“. Не се објавени записници од кои може да се види колку чинело ова луксузно реновирање, но некои лондонски весници спомнуваат сума од 200.000 фунти.


