Џафери: Не смееме да се зачудиме ако дојдеме во ситуација и во вонредна состојба да имаме избори (ВИДЕО)

Собранискиот спикер Талат Џафери, денеска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ потенцираше дека партиските лидери мора да покажат одговорност за излезно решение, бидејќи не може државата да продолжи со постојана вонредна состојба.

-Во однос на актуелната состојба, знаете дека сум кажал дека не смееме да се зачудиме ако дојдеме во ситуација да и во вонредна состојба имаме избори, бидејќи треба да се постават соодветните институции. Не можеме до недоглед да живееме во вонредна состојба и да чекаме само по себе да одмине, порача Џафери.

Коментирајќи ги правните аспекти кои ги застапуваше зошто Собранието не може повторно да се состане, актуелниот собраниски спикер на Собранието во оставка, рече дека токму поради нејаснотијата околку долготрајноста на ситуацијата, во недостиг на сценарио, ад хок се решавале работите.

-Јас не се чувствувам како победник, и не ми била целта да излезам како победник апропо сите други. Но овие три децении направени се многу преседани и во тој контекст сметам дека не смееме да се впуштиме во преседани бидејќи таквите скапо ќе ги платиме во иднина. Еве една таква ситуација на преседани, кога мислиме дека Собрание може да се распушти и заседава по потреба. Направени се преседани па доаѓаме од еден во друг. Ако го читате Уставот, тој дозволува скратување на мандатот за предвремени избори. И во таква ситуација се носи политичка одлука за едно дејствие. Но тоа после отвора правна рамка која соодветно треба да остави легитимитет на одлуките кои се носат. Ние создадовме ситуација шест месеци однапред со датум за избори и не оставивме ниедна можност на калкулација наспроти ситуацијата. Ние лекцијата не ја научивме. Од 18.март по првата вонредна состојба до сега немаме излезна стратегија за излез од оваа ситуација и не може до недоглед да имаме вонредна состојба, рече Џафери, притоа нагласувајќи ги стручните предвидувања дека во наредниот период, ситуацијата со Ковид 19 може да биде уште полоша.

Во однос на коментарите од опозицијата, која ја стави здравствената комисија составена од епидемиолози по прашалник поради нејзината партиска припадност, собранискиот спикер вели, не може априори да се има сомнеж во нештата.

-Во секој случај тоа ни е капацитетот, тоа се луѓето, тоа се експертите. Други не можеме да донесеме. Оставете ги луѓето да си ја работат работата, не може секое дејствие да биде политичко. Секој си има право некаде да биде определен во однос на партијата или идеологијата, но важно е стручното. Стручно никој од нив не кажа вака или така. Тие ги следат трендовите, ниту една нивна констатација не е различна од трендовите. Ако се бара алиби за нешто, секогаш ќе се бара во другиот, рече Џафери.

Разговарајќи за некои од излезните решенија, тој посочи дека можно е гласањето да се одвива неколку денови.

-Ако предвидувањата се дека во наредните неколку години не следи оваа состојба, со нејасна ситуација, тогаш во моментов може да се има консензус, на денот на гласањето, луѓето кои се активни на вирусот, нема да биде крај на светот да се каже дека заразените нема да може да го користат своето право на глас или да гласаат од дома. Има механизми за тоа. Во тој контекст треба да се размисли, посочи тој.

Изводливо е да се одржат изборите во неколку дена.

-Тоа треба да се направи со уредба. Тоа е едно од излезните решенија. Стручната фела треба да даде консензус и механизам за начинот на гласање, рече собранискиот спикер.

Џафери посочи дека има комуникација меѓу партиите и побара одговорност од нив.

-Тие сепак се претставници на граѓаните. Апелирам, секој кој презел одговорност да одлучува за нештата, да ја доведат до крај ситуацијата и да одлучат на кој ден граѓаните ќе можат да одлучуваат за нови институции и кому ќе дадат легитимитет. Сега не ни треба политика, не може еден да работи, друг да опструира. Не би смеело да се оди во недоглед до создавање атмосфера за некој да биде комотен. Доволно имаше време сите да разбереме и да сфатиме дека ситуацијата е озбилна и земајќи ги предвид експертите дека во идно време оваа ситуација може да биде само полоша, тогаш сите ние треба да рефлектираме и да кажеме дека во вакви ситуации треба да преземеме дел од ризикот. Да не ги претставуваме граѓаните само кога се оди глатко, потенцираше претседателот на Собранието.

Според него, во крајна инстанца, институциите треба да ги преземат одговорностите да се спроведат работите кои треба да се спроведат во интерес на граѓаните.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот