Девствените шуми на Кораб сѐ уште во опасност

Девствените букови шуми на Кораб. / Фото: Facebook

Еколошките здруженија сè уште сметаат дека не е помината опасноста која му се заканува на овој природен предел од уништување поради тоа што сѐ уште се одолговлекува со донесувањето на закон за репрогласување на паркот според сегашниот Закон за заштита на природата, а Владата не ги повлекува издадените концесии за изградба на повеќе мали хидроенергетски проекти во рамките на националниот парк.

Длабоко во пазувите на Кораб, во долина затскриена од погледите и далеку од пробиените патишта низ Националниот парк „Маврово“, се наоѓа долината на Длабока Река. Доцна напролет, дури пред летото, кога ќе се истопат и последните снегови што на нејзините стрмни страни се задржуваат барем до крајот на мај, таа станува достапна за посетителите, најчесто планинари и љубители на природата, кои ја посетуваат пеш.

Зимите тука се сурови и долготрајни, а снеговите честопати предизвикуваат масивни снежни лавини, за кои сведочат столетните буки искорнати од корен кои стојат нафрлани како снопје низ девствената шума на Длабока Река.

Оваа длабока долина со алпски карактеристики, настаната во глацијалниот период, името го добила по рекичката која извира од подножјето на врвот Мал Кораб од каде, во вид на водопад, познат уште како Корабски или Пројфелски водопад, тече надолу кон Радика во која се влева како нејзина десна притока. Корабскиот водопад со своите 130 метри височина се смета за највисок водопад на Балканот и претставува една од најголемите атракции во Националниот парк „Маврово“ и пошироко поради својата величествена позиција среде тесната карпеста долина, опкружен од двете страни со некои од највисоките и најсурови планински врвови на корабскиот масив – Рибничка Скала, Кабаш, Боази, Гури Куј.

Глетката просто одзема здив, а истопените снегови во вид на брзаци и помали водопади со заглушувачка бучава вертикално се слеваат кон Длабока Река. Нивните води ги хранат и чуваат столетните букови шуми, во речиси девствена форма, сочувани главно поради тоа што нема изграден никаков пат до долината на Длабока Река.

Фото: Facebook

Девствените букови шуми како светско природно наследство

На својата 44-та сесија, која се одржува во Фужоу, Кина, Комитетот на УНЕСКО донесе одлука да ги вброи девствените букови шуми на локалитетот Длабока Река во светско природно наследство на антички и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа. Главен критериум на УНЕСКО за впишување на шумското богатство на овој дел од планината Кораб е оваа букова шума да го зачувала својот оригинален изглед на подрачје речиси недопрено од  човекот.

И навистина, тешко е да се дојде до Корабскиот водопад и до долината на Длабока Река. Пеш, од напуштеното подкорабско село Рибница се потребни повеќе од четири часа напорно пешачење, а исто толку треба и ако се оди од насока на селата Нистрово и Жужње. Самото корито на реката е тешко проодно дури и за највештите и најсилни намерници. Во шумата денес речиси и да не може да се забележи трага од човекот, освен планинарските маркации кои служат за полесно да се пронајде пат низ подкорабските шуми и падини, каде човек многу лесно може да се изгуби.

Но, иако претставува идиличен пејзаж кој секоја година привлекува се поголем број на посетители, планинари и љубители на природата, во 2013 година беше доведен во прашање опстанокот на долината на Длабока Река поради одлуката на тогашната македонска Влада да ги зафати водите на Длабока Река и на нејзините помали притоки и преку цевковод да ги вклучи во хидроенергетскиот систем Луково поле. Тоа ќе значеше дефинитивно уништување на прашумата на столетни буки, која, меѓудругото, е хабитат на крупната фауна на Националниот парк „Маврово“ – рисот, кафената мечка, волкот, повеќе видови елени и слично.

Кампањата за спас на долината на Длабока Река, како еден од последните живеалишта на критично загрозениот балкански рис, водена во 2013 и 2014 година од страна на македонски еколошки активисти, поддржани од странски експерти, како едно од последните живеалишта на критично загрозениот балкански рис вроди со плод и меѓународните финансиски институции, меѓу кои и ЕБРД, кои требаше да го финансираат проектот, се повлекоа. Со тоа беа создадени услови за спас на долината на Длабока Река и на нејзиниот животински и растителен свет, во кои спаѓа и хабитатот на буковата шума.

Опасноста од уништување сè уште демне

Сепак, и по речиси осум години откако беше запрен планот за уништување на вредното природно богатство во рамките на Националниот парк „Маврово“, еколошките здруженија сè уште сметаат дека не е помината опасноста која му се заканува на овој природен предел од уништување поради тоа што сѐ уште се одолговлекува со донесувањето на закон за репрогласување на паркот според сегашниот Закон за заштита на природата, а Владата не ги повлекува издадените концесии за изградба на повеќе мали хидроенергетски проекти во рамките на националниот парк.

Доколку се реализираше хидроцентралата Луково Поле, делот кој сега е светско природно наследство ќе беше уништен за овој проект, велат од граѓанската организација „Фронт 21/42“, која заедно со „Еко Свест“ беа организатори на активистите за спас на долината на Длабока Река. Радосни поради прогласувањето на Длабока Река за светско природно наследство, тие потсетуваат што можеше да изгуби државата поради занемарување на природното богатство. За жал, можно негативно влијание од хидроенергетски проекти сè уште има, бидејќи планираната мала хидроцентрала „Рибничка 7″ се наоѓа во непосредна близина на новопрогласеното светско наследство, велат активистите. Тие информираат дека минатата недела на седница на Владата била разгледувана информација во врска со барањето на концесионерот за продолжување на рокот за изградба и почеток со работа на оваа хидроцентрала, но Владата не објави каква одлука донела.

Долината на Длабока река, како и други делови на националниот парк, спаѓа во зона со најстрога заштита, во која треба да се забранети сите човечки активности и строго контролирани посетите, но, на терен не може да се забележат ренџерите, а сѐ почести се обидите до неа да се стаса со мотори или со возила на четири тркала.

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот