Протест на превозници - камионџии / Фото: ЕПА - Ѓорѓи Личовски

Депортирани камионџии, високи казни, цехот ќе го платат граѓаните со изгор цени по продавниците

Двајца камионџии, едниот од Босна и Херцеговина, другиот од Македонија вчера биле вратени од пристаништето Росток – Германија. Босанецот веднаш бил депортиран од Германија и освен висока казна добил и забрана за влез во ЕУ од една година и изгубил дозвола за работа.
Македонскиот возач поминал само со казна од 150 евра и морал да ја напушти Германија „доброволно“ со авион бидејќи само три дена незаконски престојувал во Шенген-зоната. Двајцата го пречекориле дозволениот престој согласно новото правило 90/180 во ЕУ. Билјана Муратовска, претседател на Асоцијацијата на транспортери „Макам транс“ вели дека ова е само почеток на голготата која следи доколку возачите не внимаваат на деновите за престој. За две недели е најавен нов состанок на челниците на Европската Унија, кои треба да донесат одлуки за преодниот период пред да се донесе нова визна либерализација на транспортерите која ја бараа камионџиите.

Протест имаше, решение нема

Во меѓувреме на Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина им се приклучила и Албанија која признала дека и нивните возачи имаат проблеми.

– Ова е преоден период, возачите не се туристи и тоа го призна ЕУ. За 15 дена има најавен нов состанок во ЕУ од кој очекуваме некакво решение. Состанокот на 3 февруари не донесе скоро ништо, нема решение, сега следува период на брифинзи, искуства од земјите кои се засегнати – вели Муратовска.

Објаснува дека случајот од вчера за забрана за работа и казни од ЕУ за возачите е само почеток.

– Сè почесто ќе се случува ова што се случи вчера. Ќе запре камионскиот превоз, траспортните фирми ќе престанат со работа, возачите ќе ги изгубат работните места. Мора да се најде решение за овој преоден период додека не се смени начинот на престој, зашто поинаку сите ќе ја плаќаат цената, а најмногу граѓаните – вели Муратовска.

Европска комисија: Потребно е системско решение на ниво на ЕУ за проблемот со возачите на камиони

Таа објаснува дека сè уште не е нормализирано снабдувањето по протестите на крајот на минатиот месец. Има полупразни рафтови, недостига стока која треба да стигне од ЕУ.
Транспортерите велат дека на терен веќе се гледа дека некој друг им ја зема работата. Европските фирми веќе почнале да склучуваат договори со полски и чешки фирми кои возат накај Западен Балкан.

– Ако наскоро не се реши проблемот, не само што ќе нема што да работиме, туку и нашите продавници ќе се снабдуваат со стока која ќе ја носат странци и кои ќе наплатуваат многу поскапо. Транспортот многу влијае на крајната цена, ќе биде вграден трошокот во неа, а тоа ќе значи повисока крајна цена која ќе ја платат граѓаните – велат транспортерите.

Има ли крај за проблемите за возачите?

Стопанските комори апелираат до институциите активно да се вклучат во решавање на проблемот со визните и претстојните правила за професионалните возачи. Според нив, транспортот е „крвотокот“ на економијата, а вакви блокади директно ја погодуваат конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар.

-Доколку не се обезбеди системско решение, ризикуваме ваквите ситуации да се повторуваат – предупредуваат од бизнис-заедницата.

Во фокусот сега се повторно најавените разговори со Европската комисија, од кои се очекува конкретен модел за олеснување на движењето на професионалните возачи во Шенген-зоната. Во новата Стратегија за визи, Европската комисија официјално за прв пат призна дека сегашните правила за престој во Шенген- зоната не одговараат на реалните услови за работа на професионалните возачи на камиони од трети земји и најави воведување посебни решенија што би можеле да го решат долгогодишниот проблем на возачите на камиони. Сегашното правило дозволува престој од максимум 90 дена во период од 180 дена, што за возачите на камиони, кои постојано ги преминуваат границите, во пракса значи ризик од казни, забрани за влез и прекин на работата. Иако не живеат трајно во ЕУ, нивното присуство се смета за туристички престој, што со години предизвикуваше незадоволство кај превозниците, особено од Западен Балкан. Во новата стратегија за визи, Европската комисија наведува дека постојат професии кои „поради природата на нивната работа, честопати мора да останат во неколку земји членки“, и не спаѓаат во категоријата класични мигранти или прекугранични работници. Тие конкретно ги вклучуваат возачите на камиони кои обезбедуваат услуги за европски компании, заедно со спортисти и уметници на турнеја.

Европска комисија: Потребно е системско решение на ниво на ЕУ за проблемот со возачите на камиони

Како одговор на овој проблем на почетокот на февруари по протестот на камионџиите од Западен Балкан, Комисијата најавуваше разгледување на посебен режим на продолжен краток престој на ниво на ЕУ, кој би им овозможил на камионџиите да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена, без потреба од дозвола за работа или престој, но со строги контроли и јасно дефинирани правила. Тогаш зборувајќи на прес-конференција, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, изјави дека институциите на ЕУ се свесни за загриженоста што ја искажаа превозниците од Западен Балкан.
Сега се очекува нов состанок, а во меѓувреме на возачите не им преостанува ништо друго, освен да бројат денови и да се надеваат на скоро решение на проблемот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот