Камиони на граница / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Шофер од Македонија платил казна во Германија и го депортирале, ги прекршил новите прописи за престој во шенген-зоната

Македонски камионџија бил казнет со 150 евра и морал доброволно да ја напушти Германија со авион за да избегне дополнителни мерки, откако за три дена го пречекорил дозволениот престој во шенген-зоната согласно новото правило 90/180 во ЕУ, извести Асоцијацијата на транспортери „Макам транс“.

Оттаму апелираат до превозниците да внимаваат и да ги проверуваат дали деновите за престој на возачите во шенген-зоната се во склад со новите прописи на ЕУ, кои дозволуваат возачите од земјите надвор од ЕУ да престојуваат во шенген-зоната најмногу 90 дена во последните 180 дена.

„Денес на пристаништето Росток – Германија контролиран е македонски возач кај кој е утврдено надминување на три дена од дозволените 90 во 180. За истото изречена им е парична казна од 150 евра и побарано е потврдна резервација за авион со кој доброволно ќе ја напушти Германија, а возилото кое е товарено ќе се предаде на друг возач од истото превозно трговско друштво да ја продолжи превозната операција. При напуштање на Германија, на возачот ќе му биде издаден документ на кој ќе е наведено кога повторно ќе му биде дозволен влез во шенген-зоната“, се вели во објавата.

Од „Макам транс“ посочуваат дека и превозници од земјите во регионот се соочуваат со истиот проблем и дека од нив дознаваат дека според сега важечките прописи за престој, доколку по втор пат при контрола се фати истиот возач за надминување на деновите, можно е изрекување на забрана од 5 години за влез во Шенген зоната.
„Согласно искуството од регионот се препорачува избегнување на пристаништето Росток и Салзбург како места на кои најчесто се врши контрола“, велат од „Макам транс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот