Денеска се навршуваат 94 години од раѓањето на Бранко Гапо, великанот на македонскиот филм
Бранко Гапо е роден во Тетово, на 5 ноември 1931 година, под името Бранко Ивановски. Од најрана возраст покажувал љубов и интерес кон филмот. Со филм започнал да се занимава уште во училишните денови, а професионално се врзува за оваа уметност во почетокот на 1950-тите години, кога во рамките на „Вардар филм“ ги создава своите први прилози за Филмските прегледи (1951). Веќе во 1953 година го реализира својот прв документарец „Мугри во полињата“, а во 1956 година со „Птиците доаѓаат“ го покажува својот препознатлив лирски стил и длабок сензибилитет за човечките вредности и животните приказни.
Препорачано
Студии и соработки
Во текот на 1960-тите, Гапо асистирал кај познати режисери како Димитрие Османли и Франце Штиглиц, а неговата соработка со легендарните филмски имиња Абел Ганс и Вилијам Дитерле значително го обликува неговиот режисерски израз. Меѓу 1961 и 1964 година, тој престојува во Париз, каде во Француската кинотека и во неколку познати студија ги усовршува своите знаења за филмската уметност.
Документарен опус
Во својот богат документаристички опус со над 40 филмови, се издвојуваат:
„Птиците доаѓаат“ (1956), „Граница“ (1962), „Сонце на младоста“ (1961), „Проштевања“ (1963), „Последни номади“ (1964), „Патем“ (1966), „Лето Господово 67“ (1967), „Амен Сиам бут Рома“ (1976) и „Лето Господово 77“ (1978).
Неговите документарци се одликуваат со поетика, хуманизам и длабока емотивност.
Филмска критика и други медиуми
Покрај режијата, Гапо се занимавал и со филмска критика, објавувајќи рецензии и анализи во списанијата Разгледи, Современост и Културен живот. Во 1950-тите објавува и проза, а во 1959 година го основа првиот вонинституционален театар Естрада 59. Режирал повеќе театарски претстави, меѓу кои и „Убавинита чекори сама“ (1975) според Томе Арсовски.
Работел и во радио и телевизија, создавајќи повеќе од 40 радио-драми и бројни ТВ-драми, меѓу кои: „Бамји“, „Некаде морам да те чекам“, „Делби“, „Самотија“, како и телевизиските остварувања „Лабин и Дојрана“ и „Ордан Петлевски“.
Играни филмови
Неговото искуство и чувствителност неминовно довеле до режија на играни филмови. Со седум играни филмови, Гапо има еден од најбогатите опуси во македонската кинематографија:
„Денови на искушение“ (1965) – според драмата Црнила на Коле Чашуле
„Време без војна“ (1969) – според сценарио на Симон Дракул
„Истрел“ (1972) – според романот Под усвитеност на Димитар Солев
„Најдолгиот пат“ (1976)
„Време, води“ (1980)
„Македонска сага“ (1993)
Награди и признанија
Делата на Бранко Гапо ја промовирале македонската кинематографија на фестивали ширум светот.
Некои од неговите најзначајни награди се:
1962, Белград – Трета награда за режија („Граница“)
1964, Софија – Почесна диплома („Последни номади“)
1969, Пула – Специјална диплома за режија („Време без војна“)
1972, Авелино – Сребрен медал („Време без војна“)
1976, Пула – Голема сребрена арена („Најдолгиот пат“)
Добитник е и на државните награди „11 Октомври“ и „13 Ноември“, а во 1997 година му е доделена наградата „11 Октомври“ за животно дело.
Наследство
Бранко Гапо почина на 18 ноември 2008 година.
Со својата плодна и разновидна кариера, остави неизбришлива трага во македонската култура и филмска уметност, како еден од основоположниците на македонската кинематографија.


