Ден за изненадувања на ЕП: Грузија по две продолженија славеше над Турција, Атаман тргна по судиите

Фото: fiba.basketball

Ново изненадување на Европското првенство во кошарка, трето денеска приреди еден од домаќините, селекцијата на Грузија која со 88:83 ја совлада Турција по дури две продолжение.

Еден од хероите на Грузија беше Александер Мамукелашвили кој во последниот напад во регуларниот дел од натпреварот успеа да обезбеди продолжените, а потоа во второто продолжение погоди тројка за водство на неговата репрезентација од 84:81.

Завршницата на второто продолжение го одбележа конфликт меѓу селекторот на Турција, Ергин Атаман со судиите. Откако на Џеди Осман на 21 секунда до крајот му беше досудена неспортска грешка, Атаман реагираше бурно и доби техничка грешка. Потоа се залета кон судијата, нервозно гестикулираше, се раправаше по што заработи исклучување. Тоа го искористија Грузијците од линијата за слободни фрлања да ги решат дилемите околу победникот.

Како и селекторот на Турција, така и селекторот на Грузија, Илијас Зурос, беше незадоволен од дел од судиските одлуки, па во првото продолжение се замери со украинскиот судија Зашчук за што доби техничка грешка.

Во регуларниот дел од натпреварот, по прекршокот на Санадзе над Коркмаз, двајцата кошаркари сакаа физички да се пресметаат, но беа спречени и заработија исклучување.

Турција одлично го отвори натпреварот, имаше шест поени предност по првата четвртина (19:25), но во втората четвртина постигна само осум поени, па на полувремето беше плус три за Грузија  (36:33). Во второто полувреме, Грузија имаше осум поени предност во третата четвртина, а водството не го испушти до 38. минута кога Махмутоглу погоди две слободни фрлања со кои на Турција и донесе предност од 64:65.

Во последната минута од регуларниот дел екипите беа изедначени (66:66), а потоа Шенгун на 11 секунди пред крајот погоди за 68:66, а Мамукелашвили на две секунди го однесе натпреварот во продолжението од пет минути.

Во првото продолжение Турците водеа 74:69, имаа неколку напади за дополнително да се одлепат, но беа непрецизни, додека Шенгун промаши три од четири слободни фрлања во тие моменти, па отидоа во вторите дополнителни пет минути во кои Грузијците дојдоа до победата.
Кај Грузија најдобар беше Мамукелашвили со 20 поени, Мекфејден даде 17, а Андроникашвили и Шермадини по 15.

Кај Турција Шенгун постигна 21 поен, Шанли 15, а Осман 13.

Резултати:
Група А
Шпанија – Белгија 73:83
Турција – Грузија 83:88
Бугарија –Црна Гора 81:91
Група Б
Литванија – Германија 107:109
Словенија – БиХ 93:97
Франција – Унгарија 78:74

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот