Демонстрантите во Хонг Конг ја прекинаа опсадата на полициската станица – Слободен печат
ВестиПланета

Демонстрантите во Хонг Конг ја прекинаа опсадата на полициската станица

Сообраќајот повторно е воспоставен во реонот каде се наоѓа централниот комплекс на Владата додека демонстрантите се прегрупираа за да разговараат за следните чекори.

Демонстрантите во Хонг Конг денеска мирно ја завршија опсадата на полициската станица, а полицијата ги расчисти улиците од барикадите поставени од демонстрантите со цел да го запрат сообраќајот во градот.

Демонстрантите се разочарани поради тоа што барањата упатени до премиерката Кери Лам да го повлече спорниот закон за екстрадиција на граѓаните на Хонг Конг во Кина, како и полицијата да се извини за употреба на прекумерна сила не се исполнети.

Сообраќајот повторно е воспоставен во реонот каде се наоѓа централниот комплекс на Владата додека демонстрантите се прегрупираа за да разговараат за следните чекори.

Полицијата соопшти дека 13 нејзини припадници се хоспитализирани, без да наведе дали се повредени за време на блокадата.

Маскирани демонстранти околу полициската станица ги покриваа надзорните камери и поставуваа бариери, фрлаа јајца врз зградата и испишуваа графити по ѕидовите. Полицијата тврди дека демонстрантите ги прскале со масло и им вперувале ласери во очи.

Протестите траат две недели поради спорниот закон за екстрадиција на граѓаните на Хонг Конг во Кина. Противниците на законот наведуваат дека правниот систем на Кина нема да им ги гарантира истите права на обвинетите какви што ги имаат во полуавтономната кинеска територија.

Кери Лам поради притисокот на демонстрантите неодамна соопшти дека спорниот нацрт закон се повлекува од процедурата на усвојување, но граѓаните бараат законот да биде повлечен во целост.

Во 1997 година Велика Британија го предаде Хонг Конг на Кина со гаранции дека територијата ќе го задржи социјалниот, правен и политички систем во следните 50 години според формулата „една земја, два система”. Но, Кина се повеќе отстапува од договорот и инсистира на измени на законите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close