Преговори во Исламабад Фото: EFE/EPA/Sohail Shahzad

Делегациите на Иран и САД пристигнаа на преговори во Исламабад во обид да најдат решение за кризата

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и американската делегација утрово пристигнаа во главниот град на Пакистан, Исламабад, објави Си Ен Ен. Подоцна во текот на денот, Венс ќе учествува во разговори со иранската делегација заедно со специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Венс и неговиот тим преговарачи вчера ги напуштија САД за Пакистан, а непосредно пред да замине, потпретседателот им рече на новинарите дека се радува на разговорите, но предупреди дека САД нема да бидат задоволни од обидот на Иран да ги надигра.

Иранската делегација, исто така, пристигна во Исламабад рано утрово. Шеф на делегацијата е претседателот на Парламентот Мохамед Багер Галибаф.

Тој изјави пред неговото пристигнување на мрежата X дека разговорите ќе се одржат само ако има израелско примирје во Либан и ослободување на блокираните ирански средства. Во Исламабад, каде што улиците обично се преполни, од утрово е пусто бидејќи безбедносните сили ги затворија сите пристапи пред претстојните разговори.

Предлогот од 15 точки на администрацијата на Трамп, што не е целосно откриен, наводно вклучува обврска на Иран да не поседува нуклеарно оружје, предавање на својот високо збогатен ураниум, ограничување на одбранбените капацитети на Техеран и повторно отворање на Ормуската Теснина.

-Имаме добри намери, но не веруваме. Нашето искуство во преговорите со Американците отсекогаш било обележано со неуспеси и прекршени ветувања – рече Аракчи по слетувањето во Исламабад.

Исто така, беше објавено дека Израел и Либан ќе започнат официјални мировни преговори во Вашингтон во вторник. Прекинот на нападите во Либан е еден од условите што ги бара Иран во паралелните преговори со САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војската на САД се подготвува за нови напади врз Иран доколку преговорите што започнуваат во Пакистан не доведат до конечен договор.

Според иранската новинска агенција Тасним, која е блиска до моќниот Корпус на иранската револуционерна гарда, иранската делегација треба да се сретне со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф денес напладне по локално време. Во извештајот, кој би можел да го привлече вниманието на американскиот тим што штотуку пристигна во Пакистан на разговори со Иран, се вели дека Кина игра улога зад сцената во конфликтот.

Според Cи Ен Ен, кој се повикува на три извори запознаени со неодамнешните проценки, американските разузнавачки служби покажуваат дека Кина се подготвува во наредните недели да испорача нови системи за воздушна одбрана на Иран.  Си Ен Ендодава дека постојат индикации дека Кина се обидува да организира пратки преку трети земји за да го скрие нивното потекло.

Досега нема коментар од американскиот Стејт департмент, Белата куќа или кинеската амбасада во Вашингтон.

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека му посака на Ди Венс многу среќа пред разговорите во Пакистан за време на викендот. Кога го прашале како би изгледал добар договор, тој одговара: „Без нуклеарно оружје, тоа е 99% од тоа.“

Израел и Либан ќе започнат формални мировни преговори во вторник во Вашингтон, објавија во сабота израелски и либански претставници.

Иран и САД лице в лице во Исламабад: Кој седнува на преговарачката маса?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот