Дел од барањата ни се прифатени, но чекаме да ги имплементираат, велат средношколците
Голем дел од нашите барања се прифатени, сега чекаме зелено светло од Владата и од Собранието кои бараните измени ќе ги стават во функција, изјави за Слободен Печат Бленди Ходаи, водачот на средношколските протести од Унијата на средношколците.
Препорачано
„Министерката се сложи и со нашето барање за децентрализиран пристап во одлучувањето за начинот на одвивање на наставата, каде за тоа ќе одлучуваат самите општини, како и за изведувањето на практичната настава со примена на заштитни мерки“, вели Ходаи, но додава дека тие сепак сакаат да почекаат да видат дали надлежните ветеното и ќе го реализираат пред да и соопштат на јавноста дека се задоволни од исходот на преговорите.
На средбата со министерката за образование Мила Царовска и организаторите на средношколските протести одржана вчера попладне, министерката се согласи со голем број од барањата на средношколците, меѓу кои и со моделот на комбинирана настава и секаде онаму каде се исполнети условите од протоколите кои веќе се усвоени наставата ќе може да отпочне со физичко присуство во училиштата.
За денес во 14 часот е закажана заедничка прес конференција на министеркаѕта за образование Царовска и министерот за здравство Венко Филипче, на која се очекува да се соопшти и ставот на Владата во врска со барањата на средношколците за стартот на учебната година.


