Фото: Принстскрин од видео од Н1

Деканот на факултетот за физичка култура во Белград: Репресијата е срамотна, државата се однесува како да сме непријатели

Деканот на факултетот по физичко образование од Универзитетот во Белград, Воја Радовановиќ, истакнува дека не само што сите декани се подготвени да го бранат овој универзитет, туку и сите вработени и сите студенти, бидејќи, како што вели, тоа нема врска со ничиј политички став, туку со опстанокот на образовната институција. Истовремено, се срами од полицискиот упад пред неколку денови и смета дека државата се однесува со просветните работници и студентите како да се непријатели, пренесува српскиот Н1.

Смета дека масовноста на протестот пред зградата на Ректоратот, поради претходниот упад на УКП и заплената на компјутери и ресивери, ја изненадила власта.

„Мислам дека ги изненади, затоа што многу луѓе се собраа спонтано, покажаа дека се подготвени да го бранат универзитетот, бидејќи се свесни дека без Белградскиот универзитет оваа земја нема иднина“, посочи деканот.

Сè што се случувало во последно време, оценува, претставува продолжение на репресијата која континуирано се спроведува кон универзитетот во последната година и пол.

Очекувано му е тоа што продолжило приведување студенти пред Ректоратот, кои денес биле сослушувани во неколку полициски станици во Белград.

„Не знам каде нè води сето тоа“, забележа тој.

ВИДЕО | Тензично е пред Ректоратот во Белград: Маскирани полицајци тепаат студенти со пендреци

Истакнува дека репресијата кон универзитетот е срамна.

„Како граѓанин ме е срам што нашата држава на таков начин се однесува кон нас, кон студентите… Студентите се млади, тоа се новите генерации, тоа е иднината на оваа земја. И кон професорите, како да сме ние непријатели на оваа земја, како да во тој Ректорат се наоѓало бог знае што. Како да е тоа некоја терористичка ќелија. А сите знаеме дека тоа не е така“, наведува Радовановиќ.

На самиот протест, вели, било напнато, а луѓето со право се прашуваат зошто било потребно 40 полицајци да влезат во зградата на Ректоратот – „за да пронајдат еден ходник и потоа да ја пребараат целата зграда“.

Упадот во Ректоратот – реакција на власта на добриот резултат на студентската листа

Смета дека тоа што се случило во Ректоратот е реакција на власта на локалните избори, на кои студентската листа „поминала доста добро“.

За заплената на записниците од студентските пленуми на Филозофскиот факултет се прашува зошто тоа го направиле шест месеци по завршувањето на протестите.

„Ми се чини дека новите проблеми се обидуваат да се решат со стари методи или да се решаваат проблеми што биле пред шест месеци“, оценува тој.

Смета дека власта само сакала да му покаже „заби“ на универзитетот, да демонстрира моќ.

На прашањето што добиле со тоа, вели дека добиле „еден величествен говор на ректорот, кој ги штител само интересите на универзитетот“.

Говорот на ректорот на Белградскиот универзитет: „Не дојдоа да истражуваат. Дојдоа да понижат“

„Ректорот таму не зборуваше како политичар, јас немам ниту мандат ниту желба да го бранам ректорот, ректорот е способен сам да се одбрани, но мене ми изгледа дека тие едноставно на тој начин го туркаат ректорот во сферата на политиката. И тоа го прават од почеток – систематски“, изјави Радовановиќ.

Додаде дека деканите нема да дозволат да ги поместуваат како фигури кога и да посакаат.

„Утре ќе имаме професори кои ќе ги избираат општинските одбори на партиите. Не е важно кои. Не е суштината во сегашната владејачка гарнитура. Нека утре дојде некој друг. Па не е во ред ни тој да избира ни декани, ни професори. А ние сме свесни и сосема јасно гледаме, јас тоа морам да им го укажам на граѓаните на оваа земја, нека само погледнат што се случува со оние институции каде што локалните одбори на владејачките партии одлучуваат кој ќе раководи со тие установи. Како завршуваат тие установи“, рече тој.

Заклучи дека „таквиот начин на функционирање на државата, без разлика која партија го прави тоа, води кон уривање на таа држава и уривање на тоа општество“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот