„Дедо Мраз дојде со воз“ – новогодишна претстава на Железничката станица во Скопје
Специјалната новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од 20 до 30 декември, на Железничката станица во Скопје, со почеток во 19 часот. Претставата е во организација на Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници – Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Публиката ќе има можност да го следи волшебното доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија со неговиот магичен воз, преку интерактивна приказна која се одвива на повеќе локации: музејската поставка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета на волшебниот воз, каде секое дете ќе добие подарок од Дедо Мраз.

Годинава во соработка со МЖ Транспорт е вклучен и легендарниот реставриран воз „Шпанец“, со кој посетителите ќе можат да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликовите од претставата. Приказната ги следи патешествијата и предизвиците со кои се соочува Дедо Мраз пред да пристигне во Скопје, при што му е потребна помош од неговите елени, џуџиња, Снешко, но најмногу од децата.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, текстот и режијата се на Игор Ивковиќ, а реставрацијата и музејската изложба се дело на Ванчо Милошевски. Во претставата настапуваат актерите Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова и Александар Спироски, заедно со околу 40 ученици од училиштето „Од игра до претстава“.
Билетите може да се купат на билетарницата на Железничката станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот, а резервации се примаат на е-пошта [email protected]и на телефон 075 295 905.


