Дарио Ивановски: Бев опседнат да освојам балканско злато

фото: Атлетска федерација на Македонија

Најдобриот македонски атлетичар во моментов Дарио Ивановски по две сребра и една бронза конечено дојде и до балканско злато, титулата на 3.000 метри во Истанбул. Следен предизвик му е ЕП во Полска (5-7 март)

Голем успех забележа македонската атлетика, а го постигна тркачот Дарио Ивановски, кој оствари резултат за респект на Балканското сениорско првенство кое се одржа во Истанбул (Турција).

Нашиот натпреварувач во трката на 3.000 метри го освои првото место и златниот медал со време од 08:03,95 минути. Второпласиран беше турскиот атлетичар Чихат Улуској, кој зад Дарио доцнеше речиси седум секунди, а на третата позиција се најде Вид Ботолин од Словенија.

Ова е уште еден од серијата успеси на Ивановски сезонава. Ова е прво злато на балканијадите за Македонија по две децении пост. Претходно балкански првак беше Ване Стојанов на Балканијадата 2002 кога освои злато на 800 метри.
Ивановски не го криеше воодушевувањето од новата титула во разговорот за Слободен печат по освојувањето на златниот медал.
– Чувството да се разбудиш како балкански првак е неискажливо. Се разбудив со полн спокој во душата, сфаќајќи дека сонот ми станал реалност. Во „архивата“ ми недостасуваше отсјајот на златото (од балканските првенства н.з.). Буквално бев опседнат да стигнам до него – вели Ивановски кој има уште три медали од претходните балкански шампионати, но ниеден златен.

фото: Атлетска федерација на Македонија

Тој има сребрен медал од балканијадата во сала од 2019 година, во истата сала во Истанбул кога го постави својот актуелен рекорд на 3.000 метри (08:03,65). Вториот медал (бронза) го освои истата година на БП во крос кое се одржа во Беране, Црна Гора, а третиот (сребрен) го освои во
Правец пред три месеца на балканското првенство на пат.

Следен предизвик ми е Европското првенство во Полска. Целта ми е таму да стигнам до финалето во дисциплината 1.500 метри. Потоа ќе се одморам неколку дена и ќе започнам со подготовките за Олимписките игри во Токио – вели Ивановски. Тој во среда ќе настапи на трка во Белград на 1.500 метри како подготовка за ЕП во Торун, Полска кое започнува за десетина дена. Со резултатот е задоволен и неговиот тренер Игор Јакимовски.

– Конечно Дарио го освои толку очекуваното злато на балканијадите. Македонија чекаше две децении за ново злато на сениорските балканијади кои изминатите неколку години го добија епитетот мини-европско првенство поради зголемениот број членки во балканската атлетска федерација. Неговата победа беше за мене очекувана бидејќи во атлетиката тоа е повеќе од јасно кога стартуваш со најмоќен сезонски резултат во однос на конкуренцијата – вели Јакимовски. На БП во сала во Истанбул учествуваат 22 држави членки на Балканската федерација со преку 250 атлетичари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот