Дамјан Шишковски останува во Борац – потпиша нов договор!
Македонскиот репрезентативен голман Дамјан Шишковски ќе продолжи да го носи дресот на Борац Бања Лука и следната сезона. Од клубот денеска и официјално потврдија дека Шишковски го продолжил договорот за уште една година, по успешната полусезона на голот на тимот од БиХ.
Препорачано
Веста не е изненадување, особено ако се има предвид oдличната форма на Шишковски во пролетниот дел од сезоната, кога беше еден од најзаслужните за добрите резултати на Борац, како на домашната сцена, така и во европските настапи.
„Не размислував премногу кога стигна понудата. Од првиот ден се чувствувам прифатено во Борац и во Бања Лука. Драго ми е што ќе бидам дел од оваа приказна и следната сезона. Направивме големи работи досега, а пред нас се нови предизвици кои со нетрпение ги очекувам“, изјави Шишковски по потпишувањето на договорот кој ќе трае до крајот на наредната сезона.
Задоволство од продолжената соработка изрази и спортскиот директор на клубот, Оливер Јандриќ.
„Дамјан се покажа како врвен професионалец. Кога беше најпотребно, даде максимум и покажа дека секогаш можеме да се потпреме на него. Среќни сме што останува дел од нашето фудбалско семејство и сигурен сум дека и во иднина ќе биде „сигурна рака“ меѓу стативите“, изјави Јандриќ.


