Од омразата посеана на Блискиот Исток никнува екстремизмот на Западот: Дали станува поопасно за Евреите низ светот?
Војните на Блискиот Исток никогаш не биле далеку од Европа. И по повлекувањето од своите некогашни колонии, Европа остана со едната нога таму, исто како и Америка, чија длабока вмешаност со децении е врзана за нејзините геостратешки интереси. Западот не е само набљудувач на овие конфликти, туку честопати и нивен чинител, а со тоа неизбежно ги чувствува и нивните последици.
Ноќта во саботата одекна експлозија пред произраелскиот центар во Нијкерк, Холандија. Бомбата ја постави човек облечен во црно. Холандската полиција соопшти дека засега е рано да се утврдува мотивот, но настанот тешко може да се толкува изолирано. Организацијата „Христијани за Израел“, која управува со центарот, соопшти дека е шокирана и оцени дека нападот е дел од поширок загрижувачки образец на заплашување на Евреите и на други произраелски групи.
Препорачано
Ова е последен во низата напади врз еврејската заедница низ светот. Само неколку дена претходно, ФБИ соопшти дека нападот врз синагогата „Темпл Израел“ во Мичиген, во кој напаѓачот со камион влета во објектот, отвори оган и повреди обезбедувач, бил „акт на тероризам“ инспириран од Хезболах. Во Австралија, пак, по масакрот на еврејскиот настан на плажата Бонди во декември 2025 година, во кој беа убиени 15 луѓе, владата отвори посебна истрага за антисемитизмот во земјата.
Радикализацијата се разгорува со секое ново кризно жариште на Блискиот Исток, но анимозитетот на дел од земјите и групите кон Израел влече корени уште од создавањето на државата во 1948 година, кога Давид Бен-Гурион ја прогласи нејзината независност. За Израел тоа претставува нов почеток и остварување на идејата за сопствена држава, а за Палестинците почеток на Накба — назив што го користат за масовните убиства и за присилното раселување на палестинското население од израелската војска во тој период. По формирањето на Израел следуваа низа арапско-израелски војни, а секоја нова ескалација, како војните во Газа и тензиите со Иран, дополнително ја потхранува почвата за екстремизам, веќе натопена со жртви, понижувања и со колективни стравови што со децении го обликуваат регионот. Во таква средина, омразата, идентитетските стравови и екстремистичките пориви лесно се вкоренуваат во колективната свест.
Радикализацијата веќе не може да се изолира просторно
А војните на Блискиот Исток никогаш не биле далеку од Европа. И по повлекувањето од своите некогашни колонии, Европа остана со едната нога таму, исто како и Америка, чија длабока вмешаност со децении е врзана за нејзините геостратешки интереси. Западот не е само набљудувач на овие конфликти, туку честопати и нивен чинител, а со тоа неизбежно ги чувствува и нивните последици. Токму затоа омразата на екстремистите честопати е насочена директно кон него. Тоа се виде и за време на војната во Сирија, кога екстремизмот се прелеваше и надвор од фронтот, а „осамените волци“ вршеа напади низ Европа бидејќи таквата закана не доаѓа од јасно обележан фронт што може воено да се изолира, туку од поединци што живеат и се радикализираат во самите западни општества. Појавата на интернетот дополнително ја влоши оваа појава, бидејќи ширењето пропаганда и екстремистичка содржина ја забрзува радикализацијата.
Во случајот со нападите врз еврејските и произраелските заедници, мети во западните земји не се политички и воени објекти, туку синагоги, училишта и верски собири. Тие се полесни цели, ако се има предвид дека напаѓачите најчесто не се ни доволно опремени ни доволно организирани за удари врз воени објекти. Но, штетата е уште поголема одошто при напад на воени цели бидејќи граѓаните не се чувствуваат безбедни, а земјите во кои живеат испаѓаат слаби и немоќни да ги заштитат.
„Ние против нив“
Радикализацијата се храни од чувството дека светот е поделен на праведни и неправедни табори, добри и лоши луѓе, пријатели и непријатели. Во самата човекова потреба за припадност е вграден поривот за создавање идентитети врзани за одредена група, при што заедничкиот непријател дополнително ја зацврстува сплотеноста во „племето” — феномен што во социјалната психологија се нарекува пристрасност кон сопствената група, односно тенденција својата група да се гледа како поправедна, повредна и позагрозена од другите. Наративите се менуваат низ историјата, но принципот останува ист: насилството на едната група поттикнува насилство кај другата, а тоа создава циклус што се потхранува од омразата. Непријателското „племе“ постепено се претвора во стилизирано чудовиште што мора да се отстрани за да се спаси сопствената група. Во таа логика, целта почнува да ги оправдува средствата, а жртвите стануваат колатерала.
Израел, на пример, постојано живее со стравот дека е под егзистенцијална закана уште од 1940-те, а во голем дел од арапскиот и муслиманскиот свет со децении опстојува уверувањето дека токму Израел, со поддршка од Западот, е вистинската закана. Во таква атмосфера, секоја еврејска или произраелска институција за радикализираните поединци престанува да биде конкретна локална заедница и станува „продолжена рака на чудовиштето Израел“.
Таа логика веќе има мерливи последици. Во Европа, Агенцијата на Европската Унија за фундаментални права уште во јули 2024 година предупреди дека војната во Газа придонела за остар раст на антисемитски инциденти, при што дел од еврејските организации пријавиле пораст од над 400 отсто. Во Британија, 2023 година беше најлошата година за антисемитизам откако британската организација што ги следи антисемитските инциденти ЦСТ почнува да води евиденција. Во првата половина на 2024 година таму беа регистрирани речиси 2.000 инциденти, што беше рекорд за тој период.
Истовремено, секој муслимански собир или пропалестински активизам кај друг дел од јавноста почнува автоматски да се чита низ безбедносна призма. Последен таков пример е тоа што Франција го забрани големиот традиционален муслимански собир во парискиот регион „поради безбедносни ризици”.
Во САД, Советот за американско-исламски односи (КАИР), муслиманска организација за граѓански права, објави дека во 2024 година имало рекордни 8.658 антимуслимански и антиарапски пријави, а во 2025 година тој број дополнително пораснал на 8.683. Во 2024 година, „Ројтерс“ извести и за околу 70 отсто пораст на поплаки и пријави насочени против муслимани и Палестинци во однос на 2023 година. Зголемиениот сомнеж кон муслиманските заедници го зајакнува чувството кај овие групи дека насилниот отпор е единствениот преостанат јазик. Едното го храни другото.
Бомбардирањата во Газа, ескалацијата меѓу Израел и Иран, реториката на одмазда, видеата со екстремистичка содржина и пропаганда на социјалните мрежи, како и политичките пораки, создаваат културна клима во која насилството постепено се нормализира. Не секој што е изложен на такви содржини ќе стане екстремист, но тие несомнено го зголемуваат ризикот од радикализација.


