Дали со распустот на учениците на одмор отидоа и лажните дојави на бомби?

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Основците и средношколците на 30 декември го завршија првото полугодие. На училиште ќе се вратат на 18 јануари, порано од вообичаениот зимски распуст, причина за ова се многуте изгубени часови кои беа предизвикани од штрајкот на просветните работници, недостатокот на учебници, скратен материјал за матурските испити но и дојавите за бомби. Симптоматично е што во исто време откако заврши првото полугодие на училишната година, завршија и лажните дојави за поставени бомби во училиштата но и во институциите во земјава.

Додека Министерството за образование излезе со соопштение дека зимскиот училишен распуст ќе биде скратен поради изгубените часови во годината што ја оставаме зад нас а наставата за учениците ќе гледа да ја надополни во оваа 2023 година, Министерството за внатрешни работи засега не излезе со нови информации ниту заклучоци околу тоа дали прекинот на лажните дојави за бомби има некаква поврзаност со распуштањето на учениците и хибридните закани во земјава поради кои неколку месеци беше разнишана сигурноста на граѓаните.

Пензионираниот полковник во АРМ и претседател на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски вели дека безбедносните структури во земјава треба да го искористат овој период на затишје од лажни дојави и да ги кристализираат насоките и сомнежите за тоа кој стои зад нив.

Благоја Марковски

– Според мене ова што се случува сега со прекинот на тие лажни дојави, очигледно е дека се потврдува фактот а тој е да се создава паника и определена кризна состојба во земјата. Тоа е така бидејќи децата се најчуствителниот дел од населението и од тој аспект се потврдува и целта на овие лажни дојави досега дека во една таква средина пријавувањето на лажни бомби може да предизвика сериозни пореметувања во општестовото и дека тоа не е веројатно и крај на лажните дојави туку овој феномент може да се очекува да се повтори и во вториот дел од училишната година – вели Марсковски.

Според него има три структури односно творци на лажните дојави за бомби во земјава.

– Едната можна закана е таа да е предизвикана од надворешен фактор. Другата е внатрешниот фактор, кој според мене би можел да има политичка позадина или побуди. И третиот е оној за кој што мислам дека има индикации а тоа е овие дојави да го прават деца средношколци кои се доволно технички образовани и можат истото да го чинат. Независно дали причина за тоа е да се поиграат со структурите во државта или да избегнат определени обврски во наставата – посочува Марковски.

Според претседателот на Балканскиот форум за безбедност Марковски, државата не треба да исклучи ниту една од овие наведени структури бидејќи тие се сите заедно поврзани.

– Овој период на привремено смирување на ситуацијата со дојавите, безбеднонсите структури пред се МВР треба активно да го искористат во смисла на продолжување на пронаоѓањето на актерите на овие активности, но и во смисла на создавање на определена стратегија со цел да се превенираат опасностите од овие лажни закани. Исто така треба да се изнајде и определена методологија со пораки и поуки за населението и јавноста како да се однесуваат доколку се повтори оваа сиутација во наредниот период – заклучува Марковски.

Инаку, последната лажна дојава на бомби се случи пред точно 5 дена односно на 30 декември последниот училишен ден во изминатото училишно полугодие. Тогаш МВР информираше дека има дојави за бомби во осум средни училишта во Скопје, а заканите повторно биле испратени преку електронска пошта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот