Дали со нови 500 места конечно ќе се реши деценискиот проблем со паркирањето на Клинички?
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски информираше дека со вчерашната средба со министерот за здравство Азир Алиу е означен почеток на овој проект, кој ќе го изведува Градот, а ќе обезбеди 500 нови паркинг-места, но не потенцираше точно кога би почнала, или кога би завршила изградбата на двете нова монтажни гаражи кои ќе треба да го решат паркирањето на Комплексот клиники „Мајка Тереза“
Речиси една година по пропаѓањето на договорот со албанската фирма „Ѓока констракшн“ за концесија и изградба на катни гаражи на паркингот при Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, конечно Град Скопје и Министерството за здравство го отпочнаа процесот за изградба на две нови монтажни катни гаражи со капацитет од 500 нови места за, како што велат, трајно решавање на паркинг-хаосот на Клинички.
Препорачано
Таравари за малку ќе го „решеше“ паркингот
Претходно, во февруари мината година, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари се пофали дека е пронајден концесионер што ќе управува и ќе го среди паркинг-хаосот на Клинички. Тоа беше албанската компанија „Ѓока констракшн“, која беше единствена што конкурирала на тендерот на Министерството и која доколку го потпишеше договорот за јавно-приватно партнерство ќе го преземеше „стопанисувањето“ со паркиралиштата од ЈП „Градски паркинг“.
Тогаш нејзина обврска ќе беше изградба на две катни монтажни гаражи и стопанисување со целиот паркинг, а државата од ова партнерство требаше да добива само еден отсто од вкупните годишни приходи што би ги остварила фирмата од наплата на паркингот, додека, пак, останатите 99 проценти би ги „лапнала“ фирмата.
Таравари се откажа од „Ѓока констракшн“ – паркингот на Клинички останува без странски стопан
По жестоката реакција на јавноста на оваа информација, ексминистерот Таравари се „пишмани“ и соопшти дека „Ѓока констракшн“ нема да го добие договорот, со што тогаш пропадна тендерот, а со тоа пропадна и надежта за решавање на овој долгогодишен проблем.
Алиу „исели“ 300 вработени да се паркираат во „Лимак“
По излегувањето на Таравари од владиниот коалициски партнер Вреди, на неговата министерска фотелја седна Азир Алиу, кој во неговите почетни обраќања повторно го потенцираше паркингот на „Мајка Тереза“ како проблем чие решавање ќе биде од најголема важност за Министерството.
Алиу: Прво пребројување на паркинг местата во округот на Клинички, па потоа предлог решение
– Паркингот е еден од главните инфраструктурни проблеми. Паркингот, за жал, во моментов не е ни мапиран каде да се паркира кола. Ќе почнеме од базичните инфраструктурни чекори и активности за да видиме колку точно паркинг-места имаме внатре. Нашата анализа ќе покаже колку пациенти ги користат паркинг-местата, колку вработени има и потоа ќе излеземе со оптимално решение, краткорочно, а долгорочното решение за паркингот ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар. Ќе мора да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција на Центарот. Краткорочно, имаме идеи, сѐ уште немаме решение за да ја информираме јавноста, но работиме на тоа – рече Алиу.
„Краткотрајното“ решение за средување на паркинг-хаосот на Клинички беше „преселба“ на околу 300 возила, чии возачи наместо да се паркираат во Центарот, од 1 јули започнаа да ги користат услугите за паркинг што ги нуди хотелот „Лимак“, сместен во непосредна близина на „Мајка Тереза“.
Во исто време, Алиу пред седум месеци соопшти дека покрај оваа одлука, започнато е мапирање на паркиралиштата на Клинички, со цел да се направи увид колку паркинг-места постојат, а потоа да се пронајде долгорочно решение за сообраќајниот хаос што владее во округот на Клиничкиот центар.
Паркиралиштето повторно под „капата“ на „Градски паркинг“
Еден месец подоцна, веќе беше јасно дека решението за паркинг хаосот ќе се наоѓа „интерно“, односно помеѓу Министерството и Градот Скопје, поточно претпријатието „Градски паркинг“, откако Владата ја усвои информацијата дека е потребно регулирање и модернизација на паркингот на клиниките, а потоа го задолжи Министерството за здравство да склучи договор со „Градски паркинг“ за инвестициско партнерство што ќе овозможи регулирање и модернизација на паркингот кој ги опслужува пациентите и вработените.
Со паркингот на Клинички уште од 2012 година, со одлука на Владата стопанисуваше „Градски паркинг“, со цел да го организира паркирањето на овој простор во период од 10 години, за што во јануари 2013 година е склучен договор за закуп помеѓу Министерство за здравство и Град Скопје, но по една деценија стопанисување, решение на хаосот на овој паркинг не беше пронајдено.
Ново ветување за две монтажни гаражи

По сите овие „карамболи“, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека Градот официјално го започнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– Со министерот за здравство Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, одржавме координациски состанок со кој официјално го отпочнуваме процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар – соопшти Ѓорѓиевски.
Со две нови монтажни катни гаражи треба да „стивне“ паркинг-хаосот на Клинички
Тој информираше дека со средбата со министерот за здравство е означен почеток на овој проект, кој ќе го изведува Градот, а ќе обезбеди 500 нови паркинг-места, кои, според него, трајно ќе го решат паркирањето на Комплексот клиники „Мајка Тереза“.


