Таравари се откажа од „Ѓока констракшн“ – паркингот на Клинички останува без странски стопан

Паркингот на Клинички центар „Мајка Тереза“ нема да биде даден под концесија со него да управува албанската фирма „Ѓока констракшн“. Министерот за здравство Арбен Таравари денеска свика прес-конференција на која се очекуваше новинарите да пристигнат во Министерството за здравство за 20 минути бидејќи толку време однапред таа им беше најавена и на неа соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“. На маса се две опции за стопанисување со паркингот. Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар.

Дотогаш, паркингот при Клинички центар останува во владение на Јавното претпријатие Градски паркинг кое што во годишните извештаи редовно ја наведува токму оваа локација како најдоходовна од сите паркиг простори што ги управува. Така во Извештајот за годишната работа во 2023 година, наведено е дека остварениот приход од дневниот промет во Клинички центар (заедно со паркоматот и со претплатите) е над 750 илјади евра.

Извор: Годишен извештај на ЈП Градски паркинг за 2023 година

Ретерирањето на Министерството за здравство и на Владата, следува откако беа откриени условите кои што тие ги навеле во повикот за јавно-приватно партнерство а на кој се јавила само една фирма – градежниот гигант од Албанија „Ѓока Констракшн“. Во овие услови стои дека фирмата добитник на концесијата, ќе плаќа само 1 процент од годишниот приход кон Македонија, а 99 проценти ќе задржува за себе. Во повикот беше прецизирано и дека приватниот партнер што ќе стопанисува со целиот паркинг простор на Клинички центар „Мајка Тереза“, треба да изгради 2 катни гаражи, да го уредува и да стопанисува со целиот паркинг, да ја подобри инфраструктурата, за што проценето е дека треба да инвестира над 10 милиони евра. Но, со две катни гаражи се добиваат барем 600 дополнителни паркинг места и математиката е дека инвестицијата е поисплатливо да ја направи некој државен субјект и тој да биде тој што ќе го собира кајмакот од услугата.

Паркингот на Клинички центар со години е голема главоболка за пациентите и вработените во комплексот. И покрај тоа што ЈП Градски паркинг инвестира во подобрување, а во 2020 година додаде над 240 паркинг-места, се чини дека тоа не е доволно. Минатата недела министерот за здравство Арбен Таравари беше тој што потврди дека фирмата „Ѓока констракшн“ била единствената што се пријавила на повикот за доделување на јавно-приватното партнерство за градење на 2 катни гаражи, но дека владата е филтерот што уште не бил поминат, а најави и дека цената за паркинг-место ќе порасне од 30 на 50 денари. Но, после него премиерот Христијан Мицкоски истапи со поразличен став, дека реакциите од јавноста се неповолни и дека владата ја слуша јавноста.

-Ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ние ја слушаме јавноста. Јавноста е незадоволна. Одлука на владата нема, договор не е потпишан. Ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме, рече премиерот Мицкоски на 8 март.

Министерот Таравари излезе со изјава дека приватниот партнер според неговото мислење „би останал на локацијата само 7-8 години а потоа Клинички ќе бил дислоциран“, што не е за верување, ако се земе предвид децениското неисполнето ветување на сите влади досега дека ќе изградат нов Клинички центар.

За јавноста никогаш не стана достапна физибилити студијата преправана на крајот на 2023 година кога министер за здравство беше колегата на Таравари од Клиниката за неврологија – Фатмир Меџити. Таа беше платена 987 илјади денари (според договорот објавен на страницата на Бирото за јавни набавки) и требаше да одговори на прашањето – колкави се трошоците за проектот со паркингот на Клинички, колку пари се потребни за одржувањето и работењето како и колкави се приходите за целиот оперативен период на паркингот. Таа студија требаше да даде и стручен заклучок за оправданоста на инвестицијата, нејзината големина и начинот на финансирање.

Министерството за здравство сметало дека таа физибилити студија што постоела од 2018 година била „застарена“, па затоа барало да биде преработена и да бидат ажурирани податоците за тоа колку паркинг места се потребни на Клинички, но и да се проектираат различни сценарија за надминување на проблемот. Требало да се изработат предлог основни параметри за изградба на катните гаражи, да се процени цената за изградба на паркинг гаражите и да се направи предлог-модел на финансирање преку јавно приватно партнерство. Дали тој што ја изработи оваа физибилити студија наведе дека треба државата да добива само 1 процент од годишниот приход, или пак тоа му текна на тој што го распиша повикот, се чини ќе остане мистерија и ваквиот план нема да се спроведе.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот