pixabay

Дали пиете флаширана вода? Научниците објаснуваат зошто водата од чешма е подобра

Половина од парите потрошени ширум светот за купување на флаширана вода, чија потрошувачка буквално експлодираше во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до вода за пиење, покажува студија на Обединетите нации.

Доколку престанеме да пиеме флаширана вода, ефективно би придонеле за намалување на загадувањето со пластика, имајќи предвид дека 85 отсто од овие шишиња завршуваат на депонија, се додава во извештајот.

Изборот на потрошувачите за тоа што да пијат е под силно влијание на длабоко вкоренети предрасуди, истакнуваат авторите.

„Тие веруваат дека флашираната вода е поздрава“, објаснува Зејнеб Булел, шеф на студијата на ОН објавена минатиот четврток.

„Сепак ние покажавме дека тоа не е 100% точно, а исто така покажавме дека луѓето плаќаат премногу за флаширана вода, од 150 до дури 1.000 пати повеќе колку што чини литар вода од чешма“, вели научник од Институтот за вода, животна средина и здравје на Обединетите нации со седиште во канадскиот град Хамилтон.

Загадувачите се пронајдени во стотици брендови на флаширана вода од повеќе од 40 земји и често ги надминуваат локалните и светските стандарди, се истакнува во извештајот, пишува Рената Томашевиќ Вировец за „Хина“.

Во текстот се предупредува и на сериозен недостиг на регулативи за производство на шишиња. Се посочува дека владите не успеваат да бидат во тек со галопирачкото проширување на тој сектор.

„Неконтролираната експлоатација на подземните води со цел флаширање и продажба“ би можела со текот на времето да доведе до исцрпување или драстично намалување на подземните залихи на вода за пиење, велат авторите.

Милијарди луѓе без пристап до вода за пиење

Две милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење, предупредува еден од авторите на студијата, Владимир Смахтин.

Постигнат е одреден напредок, се вели во студијата. Така, во 2020 година, 74 отсто од светското население имало пристап до безбедна вода од чешма, што е зголемување од 62 отсто една година порано.

Но, „сè уште сме многу далеку“ од остварување на зацртаната цел на Обединетите нации за обезбедување пристап до вода за пиење за сите жители на планетата до 2030 година, вели Смахтин и предупредува дека „сегашниот тренд не е одржлив“.

Авторите на извештајот на ОН, исто така, повикуваат на многу поголема транспарентност и ги повикуваат земјите да донесат законски мерки кои ќе ги обврзат производителите јавно да објават податоци за тоа колку кубни метри вода црпат и редовно да ги проценуваат еколошките последици од нивните активности.

Во текот на изминатата деценија, глобалното производство на флаширана вода се зголеми за 73 отсто, достигнувајќи речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот