Дали Македонија ќе прима бегалци за 20.000 фунти по глава?
Британските планови за отворање центри за враќање мигранти надвор од ЕУ повторно го вклучија Балканот во чувствителните дебати. Фактот што Македонија се споменува како можна локација отвора сериозни прашања.
Прашањето за евентуални тајни преговори меѓу Македонија и Велика Британија за прифаќање мигранти повторно ја отвори јавната дилема околу тоа колку е транспарентна миграциската политика на Владата и дали воопшто постојат разговори во кои земјава би можела да добие нови обврски?!
Препорачано
Иако официјалните институции тврдат дека такви договори нема, политичката сцена во Македонија врие од меѓусебни обвинувања, предупредувања и притисок да се расчисти ова прашање до крај.
Провокацијата дојде од текстови објавени во дел од реномираните британски медиуми во кои се вели дека Лондон разгледува повеќе локации надвор од својата територија за евентуално формирање центри за враќање или обработка на мигранти што нелегално влегуваат во Обединетото Кралство.
Меѓу наведените земји, во некои текстови се појави и Македонија. Информацијата веднаш беше демантирана, но политичкиот ефект остана. Прашањето дали Владата преговара нешто зад затворени врати продолжи да циркулира, пред сè, поради минатогодишните вести околу новиот Договор за стратешко партнерство меѓу Скопје и Лондон.
Премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за надворешни работи експресно ги отфрлија тврдењата, нагласувајќи дека ниту во договорите со Британија, ниту во која било меѓународна комуникација, нема елементи што предвидуваат изградба на кампови, трајно сместување мигранти или преземање такви обврски. Одговорот беше јасен: „Ниту постојат разговори, ниту се водат преговори од овој тип“.
Но, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, смета дека приказната не е затворена.
– Кога првпат ги спомнавме овие тајни преговори, а тоа беше потврдено преку пишувања во странски медиуми, веднаш скокнаа против патриотите од ВМРО-ДПМНЕ. Велеа дека лажеме и смислуваа кампања против мене и функционери од партијата. Во последните неколку дена излегоа информации со детали за што е разговарано по прашањето со мигрантите од Британија. И според овие пишувања во британските медиуми, дознаваме дека според разговори, мигрантите треба да бидат интегрирани и присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Има детални информации дека Велика Британија ќе ѝ исплаќа на Македонија 20 илјади фунти по депортиран мигрант, согласно новиот Договор за повратни центри. Сето ова македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е недозволиво и скандал од невидени размери – рече Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторно демантираше дека во Македонија ќе се градат мигрантски кампови или центри за прифаќање на бегалци. Оттаму го обвинија раководството на СДСМ за темата којашто се врти во јавноста последниве неколку дена и посочија дека СДСМ се однесува како „куче што лае, ама не каса“.
„Партијата СДСМ, која е синоним за криминал и корупција, луѓето кои ја уништија државата како Зоран Заев, Венко Филипче, Димитар Ковачевски, Љупчо Николовски и многу други, секојдневно вртат една иста тема, колку да кажат нешто. Па, еве, по 100-ти пати да им објасниме: мигранти од Велика Британија нема да има“, се вели во соопштението.
Интересно и истовремено симптоматично е тоа што на понеделничкиот состанок во Брисел, министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ одобрија три предлози презентирани оваа година од Европската комисија, насочени кон построго регулирање на пристигнувањето и враќањето на мигрантите.
На состанокот бил прифатен предлогот за отворање центри надвор од границите на ЕУ за испараќање мигранти чии барања за азил се одбиени, како и построги санкции за оние кои одбиваат да ја напуштат европската територија, преку подолги периоди на притвор.
Брза депортација
Постигнат е договор и за листата на таканаречени безбедни земји на потекло. Оваа листа сега ги вклучува Египет, Мароко, Тунис, Индија, Бангладеш, Колумбија и Косово.
Депортациите во овие земји од целата ЕУ ќе бидат побрзи во иднина, рече комесарот на ЕУ за внатрешни работи Магнус Брунер.
– Тоа е листа што ја проширивме уште еднаш и се придржуваме до јасни упатства за тоа што се смета за безбедно, а што не. На крајот на краиштата, оваа листа во голема мера ќе ги олесни нашите процеси на враќање во овие земји – истакна комесарот.
На прашањето дали е можно да се водат тајни преговори за прифаќање на мигранти од Велика Британија, поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, за „Слободен печат“ одговори дека тајните преговори се перманентност во меѓународните односи и дека тоа е дел од дипломатијата.
– Можно е да постојат тајни преговори помеѓу Скопје и Лондон во однос на мигрантите. Во разговорите што сум ги имал со одредени европски експерти, реакцијата на државата кон ова прашање моѓже да се оцени како дискриминаторска, бидејќи ЕУ е отворена кон мигрантските напливи, додека кај нас постои чувство на страв дека тоа би можело да ја загрози безбедноста на државата. Од последната безбедносна анализа на САД објавена на 5 декември се гледа дека миграциските процеси ја загрозуваат безбедноста на државата. Не знаеме што е досега направено, иако британските медиуми велат дека постои таа опција за трансферирање на мигранти кои сега ќе добијат можност да се населат во Македонија. Ова е прашање кое навистина одекнува како „бомба“ во нашата држава, затоа што ние не сме навикнати на тој вид миграции, иако самите мигранти отсекогаш ја доживувале Македонија само како патека до развиените западни земји – изјави Ружин.
Поранешниот професор на Факултетот за безбедност, Иван Бабановски, во разговор за „Слободен печат“ вели дека трансферот на мигранти не е проблем на партијата на власт, туку на целата држава.
– Проблемот со мигрантите и нивно прифаќање во Македонија не е партиски проблем, туку е државен наднационален интерес и мора да се решава по пат на референдум. Мој интерес како граѓанин е да живеам во безбедна држава. Ако една Велика Британија со 69,3 милиони жители сака да се ослободи од една структура, тогаш како нашата малечака Македонија ќе се справи со таа структура? Не велам дека секој мигрант е опасен и дека има терористички намери, ама замислете само 5 проценти од вкупниот број мигранти да бидат луѓе со лоши мисли? Ние како држава, со ваква разнебитена безбедносна служба и со несредена полициска структура, немаме капацитет да се справиме со домашните повратници од боиштата, а не, пак, со нешто многу посериозно – објаснува Бабановски.
Минатиот петок, реномираниот „Тајмс“ објави дека Велика Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија


