Дали коронавирусот го донесе крајот на печатените медиуми?

Фото: МИА

Пандемијата на вирусот Ковид-19 значително влијае на работата и влијанието на медиумите, а особено ги погоди печатените, од кои некои престанаа да се објавуваат и преминаа на електронски изданија.

Во најновата анализа на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, се укажува на тоа дека со појавата на коронавирусот се забележани промени во начинот на известувањето и уредувањето, особено на печатените медиуми, дел од кои згаснаа.

„Имајќи го предвид фактот дека коронавирусот може да преживее 24 часа на хартија, луѓето целосно го избегнуваат купувањето на весниците. Исто така карантинот и полицискиот час го прави невозможно снабдувањето на продажните места со весници во физичка форма“, се наведува во анализата.

Се укажува, меѓутоа, на тоа дека без оглед на преовладувачкото мислење во оваа фаза, дека не треба да се прејудицира и драматизира состојбата и дека не треба да се донесуваат финални заклучоци, но историјата на медиумите во последната деценија покажува големи промени и преминување на електронските медиуми и социјалните мрежи.

Електронските медиуми, инаку, се помалку погодени од последиците на вирусот, но и во нив има прилагодувања на ситуацијата.

Така ИФИМЕС во анализата наречена „Крајот на печатените медиуми и ток-шоу од дома“, укажува дека водителите на телевизиите повеќе немаат гости во студиото, и наместо тоа е активирано учеството преку скајп.

Гостите одбиваат да го напуштат својот дом или град за да отидат во некое телевизиско студио.

Дејли шоу, на пример, кој го уредува и води Тревор Ноа, го гледаат милиони низ светот, го напушти своето студио и својата емисија ја води од дома, и тоа е еден вид работа од дома на својот кауч, наведува анализата на ИФИМЕС.

Се истакнува дека постпандемиската фаза ќе донесе измени на медиумското поле.

Одделни медиуми, се наведува, целосно се фокусираа на разузнавачките прашања во екот на вирусната криза. Нивните аналитичари повеќе не се бават со класични репортажи и анализи на состојбата на политички, општествен и економски план.

„Еден дел од медиумите се бави со медиумско-пропагандна војна против одделни поединци/организации/држави, со ставање во оптек на дезинформации во врска со коронавирусот создавајќи на тој начин општа паника меѓу граѓаните на одредена земја“, се наведува во анализата.

Се додава дека тие анализи немаат многу врска со епидемијата и медицината, туку дека станува збор за типичен вид разузнавачка работа и војна.

Она што на некои им било чудно е појавата на селективни информации во медиумите, со што се укажува дека разузнавачките служби ја минале линијата на кризата на глобалната епидемија.

Во јавноста постои и перцепција на големите разлики и несогласувањата меѓу разузнавачките активности со медицинската струка и епидемиологијата, се констатира во анализата и се додава дека така се поставува прашањето што е интересот на разузнавачките служби во време на глобалната епидемија, и како да се користат информациите добиени за вирусот во политичкиот спектар и меѓународните односи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот