Цената на храната ќе расте и по стивнувањето на пандемијата

Фото: Пиксабеј

Развојот на патната инфраструктура во светот, силниот подем на градба и порастот на градовите, изградбата на индустриски објекти, во голема мерка го намалија плодното и обработливо земјиште. Тоа што младите го напуштаат селото и земјоделството како занимање, води кон депопулација и деаграризација на цели села, па и региони

Секоја година даваме стотици милиони за земјоделски субвенции, а во државава постојано расте увозот на храна. Земјоделските површини се раситнуваат, земјоделците се незадоволни и се жалат дека високата производна цена на домашното производство, доаѓа од високите трошоци за производство. Селата се опустошени, а се зголемува бројот на површини кои се пренаменуваат во градежни. Наместо пченица, компири, ориз, јаболки, на нивите „никнуваат“ куќи…

Државните субвенции во земјделството од 2008 година, наваму се зголемени за неколкупати, но Македонија од земјоделска, стана држава, која се повеќе увезува рана. Дали овие стотици милиони евра се правилно усмерени?

-Основната намена на субвенциите е подобрување на конкурентската способност на домашното земјоделско производство. Тоа значи дека цените на тие земјоделски производи треба да бидат ниски, за да може населението да ги користи. Од друга страна, тие производи треба да се насочат и на странскиот пазар, за да учествуваме во меѓународната размена на трудот. Кај нас се користи моделот за субвенционирање по единица површина, што не ги дава очекуваните резултати. Јас лично, одамна се залагам за субвенционирање по остварено, односно продадено (реализирано) производство  на пазар. На тој начин, земјоделците ќе настојуваат да остварат, ем поголемо, ем поквалитетно производство.

Но, за да се оствари тој концепт, или модел, потребно е да се осигура сигурен пласман на земјоделското производство. А, тоа може да се случи само ако се воспостават основните пазарни институции: пазар на мало и на големо, стопански изложби, саеми, откупно-дистрибутивни или откупни центри, аукции, пазарна или стоковна берза, итн.

ФАО со месеци предупредува на драстични зголемувања на цената на храната, а граѓаните се загрижени. Што не очекува во иднина, ако продолжи ваквиот тренд?

-Без оглед на сегашната ситуација со пандемијата, која ја уништи економијата во повеќето земји во светот, дури и кога таа ќе стивне, цените на земјоделските производи во светот ќе продолжат да растат. Зошто е тоа така? Развојот на патната инфраструктура во светот, силниот подем на градба и порастот на градовите, изградбата на индустриски објекти, во голема мерка го намалија плодното и обработливо земјиште, речиси без исклучок, во сите земји во светот. Според тоа, во иднина останува помалку плодното земјиште да се прилагоди и пренамени за земјоделско производство. Тоа значи, ќе мора да се вложува поголем капитал за прилагодување и воведување на неплодното земјиште во земјоделски површини. Сето тоа, постојано ќе ги покачува цените на земјоделските производи.

Освен тоа, глобалните температурни промени, силно влијаат врз нестабилното и несигурно земјоделско производство.

Со години само се констатира дека македонското земјоделство е расцепкано. Се проценува дека дури 70 отсто од македонските земјоделци ќе пропаднат, ако пред влезот во ЕУ, не го решиме овој проблем. Кои се можните опции?

-Очигледно дека Законот за консолидација на земјоделското земјиште, не ги дава очекуваните резултати. Не знам од каде е копиран тој закон, но во основа е погрешен и промашен. Во ситуација кога земјоделското земјиште е силно испарцелизирано, државата задолжително треба да спроведе или изработи Закон за комасација и арондација на земјоделското земјиште. Треба да се направи добра анализа на расцепканите парцели, и да се окрупнат. Во спротивно, при евентуалниот влез на земјава во ЕУ, нашите земјоделци катадневно ќе одат во стечај, не можејќи да ја издржат конкурентноста од земјите членки во Унијата.

Просечната старост на македонскиот земјоделец е над 50 години. Дури и оние поимотните и со повеќе земја, ги одвраќаат своите деца од работа на нива. Нели е тоа апсурд, кога во одредени светски региони се гладува?

– Просечната старост на нашите земјоделци е над 58 години. Образовното ниво на голем дел од нив е со основно, мал дел се со средно, и уште помал со високо образование. Тоа укажува дека носителите на земјоделското производство не се доволно едуцирани, немаат соодветни вештини, познавање и користење на нови технологии кои се применуваат во современото земјоделско производство. Според тоа, потребно е воведување на задолжително неформално или стручно образование на нашите земјоделски производители. Или, тоа уште се нарекува, доживотно учење.

Тоа што младите го напуштаат селото како место на живеење, и земјоделството како занимање, води кон депопулација и деаграризација на цели села, па и региони. Што поскоро, со одредени мерки, ќе мора да се стимулира останувањето во село и занимавањето со земјоделство. Мора да се отвораат мали преработувачки капацитети и во селските средини, како и масовно вработување на тие млади. Во спротивно, состојбата ќе продолжи и понатаму да се влошува.

Повеќе од еден месец, Косово го забранува увозот на македонско брашно и ова не е прв ваков случај. Дали и нашите институции, треба да преземат соодветни реципрочни мерки за да ги заштитиме земјоделските производи?

-Со Косово имаме силни трговски врски. Единствено со нив имаме позитивен трговски биланс и тоа конкретно во земјоделството. Според тоа, во духот на добрососедството, потребно е, најнапред отворено да се разговара и да се види, за што станува збор. Моето лично мислење е дека, во иднина, Косово се повеќе ќе се приклонува и ориентира кон силни трговски врски со Албанија, а со тек на времето, извозот и увозот со Македонија ќе се намалува. Не можете да водите војна во трговијата ако некој не сака да купува од вашите производи. Дури ни ЦЕФТА не може да натера некого да купува од вас, ако тој не го сака тоа.

Во таа насока, во иднина ќе биде неопходно е да се бараат алтернативни пазари за пласман на нашите земјоделски производи во странство.

Селата се празнат, стотици хектари земјоделско земјиште тонат во троскот и не се обработени. Но, сега кога државата најави дека ќе продава вакво земјиште, одеднаш сите го протолкуваа најавениот закон како „невиден криминал“. Каков е Вашиот став за ова прашање?

-Се проценува дека преку 300.000 ха. некогаш обработливо земјиште во Македонија, сега лежи необработено, зараснато во ледина и изложено на плавење и ерозија. Тоа укажува на недомаќинлук, јавашлак и водење на несоодветна земјишна или аграрна политика. Деновиве е актуелна, подготовката и носењето на Законот за продажба на земјоделско земјиште. Тој закон во основа е погрешен и промашен, бидејќи домаќинот кој си ја продава земјата, е расипикуќа! Замислете што ќе се случи по неколку години. Ќе никнуваат објекти низ целата земја, како печурки после дожд!

Јас сум против, државната земја да се продава на приватни лица, а сум за тоа, земјата да се мелиорира (одводнува, наводнува), да и се подобри плодноста, да се окрупни и да се забрани понатамошно делење и цепкање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот