Цвеќето е прескапо, ама имате попуст за филтер за правосмукалка! Трговска комерцијализација на Денот на жената

цвеке/фото Слободен Печат Слободан Ѓуриќ

Консумеризмот доведе до фактот дека веќе не ја знаеме разликата помеѓу Денот на вљубените, Денот на жената и Денот на мајката. Експертите велат дека ова е агресивен маркетинг, не се коси со законот, иако балансира на границата за нечесни трговски практики

Книги на попуст од 20 до 50 отсто, специјални намалувања за козметички третмани, парфеми, долна облека, чанти, ваучери за спа-третмани, тенџериња на промоција со гратис џогери, па дури и понуда за набавка на телефони и паметни компјутери, кои ѝ се потребни на „независната бизнис жена“.

Продавниците за бела техника се натпреваруваат чија понуда наменета за домаќинките ќе биде поатрактивна, демек да им ја олесни работата во кујната, каде што според најголемиот дел од балканските мажи ѝ е местото на жената.

Понудата е шаренолика и трае не само за Денот на жената, ами е развлечена на целонеделна акциска продажба од 4 до 10 март! Некои понуди траат и во текот на овој месец, како што стои во специфичната понуда со попуст од 30 отсто за дамите за набавка на картичка за бесплатна помош на пат и шлепување во случај на дефект во земјава или каде било во Европа!

Една од најатрактивните понуди за современите жени е и замената на филтрите за нивните правосмукалки. Трговците ги развлекоа дури и зимските сезонски попусти што треба да важат од 25 декември од тековната до 25 јануари од наредната година и тие, за чудо, се совпаднаа со 8 Март.

Консумеризмот доведе до фактот дека веќе не ја знаеме разликата помеѓу Денот на вљубените, Денот на жената и Денот на мајката. Освен за трговците, 8 Март е првиот значаен момент во годината во однос на продажбата на цвеќиња, па деновиве на секој чекор се нуди сакциско и режано цвеќе, но цените за разлика од лани се зголемени и до 30 проценти. Една роза чини 150 денари, а по 100 денари се продаваат лалињата. За голем букет треба да се издвојат и до 1.000 денари. Во максимална комерцијализација и поттикнување непотребна потрошувачка е претворен Денот на жената – 8 Март, слично како за Црн петок или Денот на вљубените. Експертите велат дека ова е агресивен маркетинг, не се коси со законот иако балансира на границата за нечесни трговски практики.

– Трговците имаат право, но само ако не станува збор за расподражби, но акциската понуда треба да е ограничена и потрошувачите не смеат да се почувствуваат измамени само доколку навистина напишаниот попуст од 10, 20 или 30 отсто се однесува на цената што важела во претходните 30 дена – велат за „Слободен печат“ од Организацијата на потрошувачите.

Новиот Закон за заштита на потрошувачите, стапи на сила во ноември 2022 година. Тој пропишува дека додека траат попустите, на производите може да има само две етикети со цена – односно со онаа највисоката или онаа на која се снижува. Ваквото прецизирање е со цел да се избегнат претходните практики на лажно етикетирање, со кое демек на граѓаните им се става до знаење колку „заштедиле“ со тоа што купиле стока на намаление. Граѓаните одамна ги „провалија“ трговските финти, па најчесто реагираа дека производите се поскапи отколку што биле претходно, а се промовираат дека се на попуст. Меѓу другото, стоката или услугите ставени на акциска продажба мора да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „акција“ или „акциска продажба“.

Зошто се носи виолетова боја за 8 Март?

Боите на Меѓународниот ден на жената се виолетова, зелена и бела, се наведува на веб-страницата на Меѓународниот ден на жената. Зелената симболизира надеж. Белата ја претставува чистотата, иако е контроверзен концепт. Виолетовата боја често се поврзува со Меѓународниот ден на жената бидејќи симболизира „правда и достоинство“.

„Овие бои потекнуваат од Женската социјална и политичка унија во Велика Британија во 1908 година“, пишува на веб-страницата на Меѓународниот ден на жената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот