Чифлиганец прифати да ѝ ги даде топланите под закуп на државата, скопјани зимава ќе имаат парно

Топлификација БЕГ парно греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и компанијата „Адора“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец постигнале договор за закуп на топланите во сопственост на АДОРА, кои државната компанија ќе ги користи за да обезбеди парно греење зимава во главниот град, соопшти ЕСМ.

Како што наведуваат од ЕСМ, договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23, а закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика.

„Двете компании покажаа општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период“ додава државната компанија, не наведувајќи во што се гледа нејзината општествена одговорност во овој случај.

Компанијата на Ванчо Чифлиганец лани ги купи скопските топлани од презадолжената компанија БЕГ, на која ѝ беше одземена лиценцата за снабдување на скопјани со топлинска енергија. Преговорите со државната ЕСМ траеја неколку недели, а „Адора“ отпрво инсистираше да ѝ ги продаде скопските топлани на државата и не прифаќаше да ги даде под закуп, наведувајќи ги како причина наводните големи загуби доколку се избере таа варијанта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот