Четврток со ТОП КНИГА од „Литература.мк“:  „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски

Збирката поезија „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е поделена на пет тематски целини, кои содржат вкупно 88 песни.  Иако „Дното се стеснува“ е дебитантско поетско (и, воопшто, книжевно) остварување на филозофот Кирил Бисероски и иако една од песните е веројатно посветена на Радован Павловски, голем дел од стиховите во оваа книга како да немаат свои претходници – или, барем, како тие да не твореле на јазикот на кој се напишани песните од оваа збирка. Водејќи се според сугестијата на Вордсворт од предговорот кон „Лирските балади“, Бисероски умешно ги претвора во предмет на својата уметност и „најтуѓите откритија на хемичарот, ботаничарот или минералогот“ и, елегантно ракувајќи со иронијата, парадоксот и полуримата, успева околу нив да обликува еден особен есхатолошки светоглед, кој – иако навидум составен од ограничен број на контрапунктни слики (ноќ/светлина, потоп/пролет, небото како тло и обратно) / оддишува со свежина и меморабилност на речиси секоја страница.

Кирил Бисероски е роден 1984 година во Прилеп. Средно образование завршил во Битола, а високо (Филозофски факултет – група филозофија) во Скопје. Живее и работи во Прилеп. Коавтор е на една студија од областа на здравството и повеќе преводи. Објавувал поезија и теоретски статии во неколку списанија и интернет-портали.

Книгата „Дното се стеснува“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот