Честит Бајрам!
Верниците од муслиманска вероисповед ширум светот денеска го слават Рамазан Бајрам, еден од најголемите празници во Исламот. Тој се слави три дена, по завршувањето на едномесечниот пост, со што се означува крајот на месецот рамазан.
Препорачано
Тоа е деветтиот месец во исламскиот календар и го означува почетокот на објавата на светата книга за муслиманите, Куранот.
Овој ден верниците го започнуваат со молитва во џамија. Потоа, обичајот е да одат на гробишта за да ги посетат гробовите на предците и на блиските. Кога сето семејство ќе се собере дома, почнува меѓусебното честитање на Бајрамот.
Обичајот е празникот прво им се честита на најстарите. Потоа се оди на честитање на постарите роднини и пријатели ако живеат во истиот град или село. Помладите секогаш одат кај постарите. Бајрам, исто така, е време на помирување на скараните.
За празникот се испраќаат пораки со солидарност. На овој ден, според адетот, се истакнува и почитта и сочувството кон муслиманите што трпат маки, што живеат во услови на војна и што се потчинети.
Целта на Бајрамот е сите да се потсетат на сиромашните, на децата без родители и на осамените, но и да се најде начин да им се овозможи овој ден да го поминат достојно.
Хуманоста е една од главните димензии што го отсликуваат празникот. Тоа, според толкувачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.


