Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ / Утрински брифинг

Чадиковски: Партиите се согласуваат дека треба, ама не сакаат да ги заштитат новинарите како службени лица

Ако беа донесени измените на Кривичниот законик со кој се предвидува поголема заштита на новинарите и медиумските работници од напади и насилство, немаше да се случи последниот физички напад на снимателот на ТВ24 Љубиша Игнатов во наелбата Пржино, како и други слични случаи, затоа што јавноста ќе имаше изменета перцепција за улогата на новинарите во општетсвото и нивната загарантирана заштита. Бараме амандманите на Кривичниот законик со кои новинарите ќе добијат заштита како службени лица итно да се усвојат, затоа што веќе 15 месеци без никакви конкретни причини се заглавени во Собранието, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија Младен Чадиковски.

– Амандманите на Кривичниот законик со кои се нуди поголема заштита на новинарите и медиумските работници се поднесени во Собранието во август 2021 година, а сега е ноември 2022 и уште не се усвоени, односно целото ова време тие се во истата фаза во Собрането, заглавени во процедурата. Оттаму нема никакво објаснување зошто досега не се процесуирани. Има некои најави дека до крајот на годинава ќе тргне процедурата и ќе бидат усвоени, но ништо конкретно не се знае. Неофицијално ни велат дека измените се прифатливи за сите политички партии и нема политички неосогласувања што го спречуваат нивното усвојување, но имало други точки за други закони што треба да ги договорат за да може и оваа точка да биде ставена на дневен ред. Нема логика. Сите се согласуваат, но од неразбирливи причини не ги усвојуваат измените и ние како фела заради тоа останавме заглавени во процедурата и незаштитени и покрај општата согласнот за законските измени – вели Чадиковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека и во новиот Кривичен законик што се подготвува само се пресчликани истите амандманите со кои треба да се дополни актуелниот закон, што е само уште еден аргумент плус дека има политичка волја и никој нема ништо против решенијата.

– Ако тие измени беа усвоени, немаше да се случи последниот напад на снимателот, како и повеќе други напади што се случија во изминатиов период. Со измените е предвидена и законска казна за оној што физички ќе нападне новинар, па очекувано е дека вакви настани како случајот со колегата од ТВ24 нема така лесно да се случуваат – вели Чадиковки.

Во амандманите е прецизирано дека се заштитени новинарите, медиумските работници и блиски професии до нив додека вршат професионална новинарска дејност. Се предвидува дека оние кои ќе ги напаѓаат новинарите, снимателите и фоторепортерите или ќе го попречуваат извршувањето на нивните работни задачи, би можеле да бидат казнети со затворска казна до три години. Нападот врз новинарите ќе се третира како напад врз службеното лице, а Обвинителството во вакви случаи ќе постапува по службена должност.

– Со овие измени ставаме крај на досегашните практики на неказнивост на насилството врз новинарите, практика при што новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално судени во постојан страв од политичка и институционална одмазда затоа што си ја вршеле работата правилно и професионално – рече лани во јули тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ.

Лицето кое физички го нападна снимателот на ТВ24 од вчера е во куќен притвор. ОЈО Скопје го прифати предлогот на јавниот обвинител за определување мерка куќен притвор за 67-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело насилство.

„Пријавениот на 14 ноември, со грубо навредување и грубо насилство ја загрозил сигурноста на снимател од новинарска екипа, додека кај присутните сведоци новинар и возач на телевизиската екипа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Осомничениот најпрвин упатил погрдни зборови и пцовки кон новинарската екипа која снимала прилог, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со лактот во вилицата и нанесувајќи му телесна повреда набиеница“, наведува обвинителот кој побара куќен притвор за напаѓачот затоа што може да избега или да го повтори делото.

Неодамна, по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, ЗНМ и новинарскиот синдикат побараа политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите, а во спротивно ставот на двете организации кон Собранието е дека медиумските работници воопшто не се приоритет за законодавната власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот