Центарци можат да добијат до 3.000 денари за нов велосипед — објавен е јавен повик
Општина Центар доделува субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, како и на дополнителна опрема, односно детско седиште, кацига, светло, ѕвонче, безбедна сајла, катанец и сл. Со субвенцијата ќе се надоместува 30% од цената за купување велосипед, е-велосипед, но најмногу до 3.000 денари, како и 30% од цената за дополнителна опрема, во износ не поголем од 1.000 денари.
Препорачано
Со овие субвенции поттикнуваме здрави навики и поодговорен однос кон животната околина. Лично сум голем љубител на велосипедот. Во денови кога Скопје буквално не може да дише од сообраќај и загадување, велосипедот е вистинско решение, штеди време и пари, го подобрува физичкото и менталното здравје и придонесува за почист и потивок град, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на субвенционирање има секој полнолетен жител на Општина Центар кој извршил купување почнувајќи од 21 март 2026 година.
Јавниот повик е објавен денеска и ќе трае до исцрпување на предвидените средства, но не подоцна од 1 декември 2026 година, а субвенционирањето ќе се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.


