ВИДЕО: Цело Мршевци е на нозе во борба со шумскиот пожар, утре наутро ќе гасне и армиски хеликоптер

Пожар во близина на скопското село Мршевци / фото: скриншот

Шумскиот пожар кој беснее кај скопското село Мршевци вечерва се шири кон селото, а жителите се ангажираат за да помогнат во гасењето. Според некои информации, огнот почнал да се шири и кон соседното село Дељадровце, кое припаѓа на општина Куманово.

На видеото што го објави Канал 5 се гледа како луѓето со лопати се обидуваат да спречат огнот да се доближи до првите куќи во Мршевци.

Извори на „Слободен печат“ од противпожарните служби тврдат дека се работи за запалена сува трева на непристапен терен, но не е зафатено и шумското подрачје во моментов.

Од Општина Илинден велат дека преземаат сѐ што може да се преземе за да се скроти пожарот, известени се и Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и се работи на гаснењето на шускиот пожар, кој почнал да се шири кон селото во попладневните часови.

„Пожарот на потегот Ајватовци – Грушино е пријавен од четвртокот од 16 часот, а во моментов е активен пожарот кај Бучинци и Мршевци. Гори сува трева и мешана нискостеблеста шума“, информираат надлежните, додавајќи дека вечерва три противпожарни возила се на терен кај Мршевци како и екипа од Национални шуми, од подружницата Караџица.

Утре рано наутро се очекува да дејствува армиски хеликоптер во гаснењето на овој пожар.

Вознемирени жители на Бучинци и Мршевци претходно објавија фотографии на кои се гледа како пожарот се доближува до селата и ги повикаа соселаните да излезат и да помогнат во борбата со огнената стихија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот