Пеп Гвардиола/EPA/PETER POWELL

Цела Англија ја чека одлуката за Манчестер сити – експерт за фудбалски финансии најавува одземање 60 бода

На англискиот гигант Манчестер сити му се заканува драстична казна, одземање и до 60 бода, доколку биде прогласен за виновен по 115 точки од обвинението за прекршување на правилата за финансиски фер-плеј, објавуваат британските медиуми.

Случајот трае со години и сè уште нема конечна пресуда. Иако обвиненијата беа отворени на почетокот на 2023 година, а независното сослушување заврши кон крајот на 2024, одлуката се чека повеќе од една година. Во меѓувреме, шпекулациите не стивнуваат, особено поради фактот што Премиер лигата нема надлежност да го исфрли клубот во понизок ранг.

Експертот за фудбалски финансии Киран Мегваер објаснува дека процесот е исклучително комплексен.

„Проценките се дека и обвинителството и одбраната изнеле околу половина милион докази. Сослушувањето заврши во декември 2024 година и од тогаш поминаа 14 месеци без никакви вести. Со оглед на слични случаи, верувам дека сме во завршна фаза. Проблемот е што судскиот совет го сочинуваат три многу високо позиционирани лица и усогласувањето на нивните распореди е исклучително тешко. Одлуката би требало да биде донесена во наредните месеци, но тоа сме го слушале и претходно. Треба да се разгледа огромна количина докази, а обвиненијата се сериозни. Би било катастрофално пресудата да се објави седум дена пред крајот на сезоната. Според моите информации и Премиер лигата и Манчестер сити ќе ја добијат одлуката 24 часа порано за да можат адвокатите да ги проверат деталите“, изјави Мегваер.

Тој се осврна и на можните санкции.

„Имаме повеќе од 115 обвиненија. Ако Сити биде прогласен за виновен за несоработка, што е многу веројатно, ќе следува сериозна казна. Премиер лигата не може да го исфрли клубот во понизок ранг, па затоа најреална опција е одземање бодови. На Евертон и Нотингем форест им беа одземени шест, односно четири бода за по еден прекршок во период од три години. Обвиненијата против Сити опфаќаат девет години, што е далеку посериозно. Логично би било казната да изнесува меѓу 40 и 60 бода“, смета експертот.

Според објавеното, клубот е обвинет за:
– 54 точки за недоставување точни финансиски информации
– 14 точки за неточни податоци поврзани со исплати кон играчи и менаџери
– 7 точки за прекршување на правилата за профит и одржливост
– 5 точки за непочитување на прописите на УЕФА, вклучително и финансискиот фер-плеј
– 35 точки за несоработка со истрагите на Премиер лигата од 2018 година наваму

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот